fbpx

Судење за Ласкарци: Вештакот тврди дека технички преглед не било гаранција оти возилото нема да се расипе

Во Кривичниот Суд во Скопје денеска продолжи судското рочиште за „Ласкарци“ со испрашување на вештакот Постолов од страна на Љупчо Мицевски, адвокат на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски

-

Техничкиот преглед не е гаранција дека по прегледот возилото не може да се расипе и за ова има случаи кога автомобилот веднаш штом излегол од техничкиот преглед се расипал. Вака изјави денеска вештото лице Љупчо Постолов, кој заедно со двајца негови колеги го изработил сообраќајното супервештачење за автобуската несреќа на „Дурмо Турс“, што се случи кај селото Ласкарци во февруари 2019 година и во која животот го загубија 16 лица и 37 други беа повредени. На изјавата на вештакот реагираше судијата Диjана Груевска Илиевска, истакнувајќи дека доколку е тоа така,  тогаш не треба воопшто да се прави технички преглед, известува Порталб.мк.

Во Кривичниот Суд во Скопје денеска продолжи судското рочиште за „Ласкарци“ со испрашување на вештакот Постолов од страна на Љупчо Мицевски, адвокат на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.

Во првите прашања адвокатот се задржа на името на вештакот, односно зошто во вештачењето е потпишан со името Љупчо, а на личната карта името му е Љубе.

„Јас сум крстен според мојот дедо, поради една семејна трагедија и затоа ме крстиле Љупчо. До осмо одделение сум знаел дека јас се викам Љупчо. Кога го зедов свидетелството ми рекоа дека не можам да се регистрирам бидејќи и во документите стои името Љубе. Не ми пречи да ме викате или Љупчо, или Љубе“, рече вештакот Постолов.

Дали бевте на проверка на автобусот во Ѓорче Петров сите тројца вештаци за сообраќај на 29.11.2022 година, продолжи со прашањата адвокатот на возачот Мицевски.

„Јас сум бил, за другите не можам ни да потврдам ни да негирам“, рече Постолов.

Адвокатот го праша колку возачи го возеле автобусот кој учествувал во несреќата, за што вештакот рече дека според неговите сознанија автобусот го возеле неколку возачи, но за денот на несреќата не обрнал внимание да види колку возачи го возеле.

„Важно е дека се знае кој го возел автобусот во моментот на несреќата“, рече вештакот за што адвокатот продолжи да му поставува и неколку други прашања по ова прашање, односно кој го возел прв автобусот на кобниот ден, но тој продолжи со настојувањето дека „нема сознание и дека ова не е важно“.

Дали знаете кога обвинетиот за последен пат го возел автобусот пред денот кога се случила несреќата, продолжи со настојувањето адвокатот Мицевски, но одговорот на Постолов беше ист: „Не знам и не е важно“.

„Секогаш прво се проценува и се носат заклучоци за возилото, а потоа кажуваме кој го возел истото. Наша задача беше да ја одредиме динамиката на несреќата“, додаде Постолов.

Во книшката на овој автобус (што учествуваше во несреќата), пишува дека има две осовини, а всушност имал три осовини. Дали смеел да го помине техничкиот преглед како што го поминал во последните две наврати на 2 јули и на 18 декември 2018-та година (двата прегледи пред несреќата)?

„Дали смее или не зависи од многу фактори, но на книшката мора да пишува толку осовини колку што има автобусот“, рече Постолов.

Во овој случај, што требало да направат контролорите на станицата за технички прегледи „АМЗ Гостивар“ (станицата каде што се извршени техничките прегледи на автобусот) и раководителот на истата, кога во книшката пишува дека има две осовини, а всушност има три.

„Службените лица биле обврзани доколку откријат дека наместо 3 осовини пишува 2, истото да го корегираат во книшката, но ова нема никаква причинско-последична врска меѓу несреќата и тоа што пишува во книшката“, рече Постолов.

Адвокатот Мицевски продолжи со серија прашања кон вештакот Постолов во врска со тоа во каква категорија спаѓал автобусот што учествуваше во несреќата.

„Дали спаѓа во категорија М2 или М3“, праша неколку пати Мицески на што, вештакот рече дека не било негова задача да го провери ова, но сепак рече: „мислам дека бил М3“.

Мицевски неколку пати настојуваше да ги провери неговите знаења, прашувајќи го „која е разликата меѓу возилата од категориите М2 и М3“, но вештакот инсистираше дека не се занимавале со тоа прашање и дека тие не се механичари, туку вештаци што извршиле сообраќајно супервештачење.

„Госпоѓо судија, од 33 прашања, 30 беа за машинскиот аспект а не за сообраќајниот“, и рече Постолов на судијата.

Следниот сет на прашања на Адвокатот Мицевски беше во врска со техничкиот преглед.

„Дали видовте контролор да влегува во каналот (каде што се прави прегледот) и да го види долниот дел на автобусот“, го праша Мицевски Постолов, за што одговорот беше „не“.

Од две видео снимки на двата технички прегледи на 2-ри јули и 18-ти декември 2018-та година, Постолов ја видел само едната, односно таа од месец јули.

„Сите материјали што ги имавме сме ги прегледале, не знам поради која причина, но имаше и материјали што не беа исправни, или можеби и поради нашата застарена техника“, одговори Постолов на прашањето на адвокатот на возачот.

Вештакот продолжи да изјавува дека, сепак, техничкиот преглед не е гаранција за состојбата на автобусот.

„Нема ниедна гаранција дека возилото нема да се расипе по техничкиот преглед, и ако се е во ред за време на прегледот. Нема гаранција“, рече вештакот Постолов, за што судијката Дијана Груевски Илиевска му рече „тогаш воопшто да не правиме технички преглед“.

Постолов, образложувајќи ја неговата изјава, рече дека во неговото искуство имал два случаи каде што возилата се расипале веднаш по техничкиот преглед.

„Поради ова не значи дека возилото со технички преглед цела година ќе биде исправно“, рече Постолов.

Штом спомнавте дека во вашето искуство сте имале два случаи каде што возилата веднаш штом излегле од технички преглед се расипале, дали знаете некој случај кога се случило спротивното, на пример, возилото на технички преглед да биде неисправно, и во меѓувреме самото да се поправи, праша адвокатот Мицевски, за што доби одговор дека не знае таков случај, бидејќи возилото не може само да се поправи.

Постолов продолжи со неговото настојување дека несреќата се случила два месеци по последниот преглед и за два месеци може да се случат многу дефекти.

Во меѓувреме, адвокатот продолжи и со неколку прашања во врска со исправноста на сопирачките, односно дали требало да го пуштат од технички преглед автобусот што имал неисправни сопирачки.

Постолов одговори велејќи дека „не, не требало да биде пуштен“, објаснувајќи дека според процедурата, возилото се враќа назад да ги поправи дефектите и потоа поминува.

Инаку, сообраќајното супервештачење, како и машинското, изработено е по судска наредба, бидејќи претходните вештачења имале контрактикторности меѓу себе. Адвокатите на компанијата „Дурмо Турс“ вината ја префрлаат кај возачот на автобусот, додека пак адвокатот на возачот смета дека виновна е компанијата, бидејќи автобусот не бил во технички исправна состојба.

Според двете вештачења автобусот имал технички неисправности, но овие неисправности не биле причина за несреќата. Според нив, возачот иако имал можност, не ги презел соодветните дејствија за да го запре автобусот, односно не закочил.

Обвинителот и семејствата на жртвите ги оспоруваат супервештачењата.

Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година кога автобусот на „Дурмо Турс“ движејќи се на редовната линија Скопје – Гостивар излета од автопатот близу селото Ласкарци. 16 патници го загубија животот и 37 беа повредени. Во овој судски процес обвинети се шест лица: Сопственикот на „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата на технички преглед. Првите тројца се обвинуваат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека другите се обвинуваат за соучество во истото дело.

„Дурмо Турс“ и ден денес продолжува да работи и да транспортира патници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руските трупи влегоа во воздушната база во Нигер каде се стационирани американски војници

Рускиот воен персонал влезе во воздухопловната база во Нигер каде се сместени американски војници, по одлуката на нигерската хунта да ги протера американските сили од земјата, пишува Гардијан. Воените офицери...