Студентскиот дом во Тетово ќе ги прими своите први станари ако се обезбедат услови за работа до октомври

Државниот студентски дом во Тетово не се најде на списокот на Конкурсот за прием на студентите во студентските домови за учебната 2023/24 година. Тој денес беше ставен на списокот од страна на МОН, еден ден по прашањата од страна на Порталб.мк испратени до оваа институција

Студентскиот дом во Тетово; Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера објави соопштение во кое најави дека во октомври студентскиот дом во Тетово ќе биде подготвен за прием на студентите. За Порталб.мк, пак, тој претходно изјави дека работите во домот се при крај и дека истиот се очекува да биде готов наскоро. Во официјалниот конкурс на Министерството за образование е наведено дека приемот во овој студентски дом ќе се врши под еден услов, односно само ако домот обезбеди услови за работа до 1 октомври.

Државниот студентски дом во Тетово не се најде на списокот на Конкурсот за прием на студентите во студентските домови за учебната 2023/24 година. Тој денес беше ставен на списокот од страна на МОН, еден ден по прашањата од страна на Порталб.мк испратени до оваа институција околу тоа, зошто овој студентски дом не фигурира на списокот и покрај тоа што министерот вчера соопшти дека “овој студентски дом веќе се наоѓа на списокот на државните студентски домови како ДСД Тетово и студентите може да конкурираат онлајн“. Но тоа не беше така, како што може и да се види на списокот со студентските домови од конкурсот кој вчера го објави Порталб.мк. На овој список се најде само студенскиот дом при УЈИЕ, но не и државниот студентски дом во Тетово.

Конкурс за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за академската 2023/2024 година. Извор: Принтскрин (07.08.2023) од Конкурсот на МОН

Во Министерството за образование и наука, како одговор на нашето прашање, соопштија дека на овој список е додаден и државниот студентски дом во Тетово. Го проверивме линкот на конкурсот и таму е и државниот студентски дом во Тетово.

Меѓутоа, во конкурсот се нагласува дека:

„Студентите кои аплицираат за сместување во ДСД Тетово ќе бидат примени во студентскиот дом под услов истиот да обезбеди услови за работа до 01.10.2023 година”

Конкурс за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за академската 2023/2024 година. Извор: Принтскрин (08.08.2023) од Конкурсот на МОН

Од друга страна, министерот Шаќири вчера на својата официјална Фејсбук страница јавно изјави дека студентскиот дом ќе биде готов за академската 2023/24 година.

„Домот е комплетиран од сите аспекти, комплетирана е целата документација за во Влада, и се основа како институција во Владата. Во рок од околу 20 дена студентскиот дом ќе се запише во Централниот регистар и во сите други институции“, изјави вчера Јетон Шаќири за Порталб.мк.

Пофални зборови за ова на својата Фејсбук страна сподели и вицепремиерот – Артан Груби, кој вчера напиша:

„Заврши уште една голема работа, се исполни уште едно ветување. Почнувајќи од оваа академска година студентите на тетовскиот универзитет ќе престојуваат во нивниот нов студентски дом“.

Според конкурсот, во овој студентски дом предвидено е сместување на 300 студенти, од кои 60 од прва и 240 од втора година.

На овој конкурс студентите ќе аплицираат со пополнување на електронска пријава на која ќе ги прикачат соодветните документи преку онлајн порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите можат да конкурираат за прием само во еден студентски дом. Рокот за пријавување за сите студенти ќе биде до 11.09.2023 година. Ако по објавувањето на конечните списоци на примените студенти во студентските домови сè уште има непополнети места за сместување во некој дом, пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30.11.2023 година.

Маратон на ветувања за студентскиот дом

Овој студентски дом се ветува уште од 2016 година, на денот кога Владата на Северна Македонија го усвои Законот за основање на Универзитетот „Мајка Тереза“, беше најавена и изградбата на овој студентски дом, а истата година беше објавен и тендерот за изградба на истиот.

И покрај тоа што тендерот за изградба беше отворен во септември 2016 година, немаше одлука за почеток на работите, оваа одлука официјално беше донесена на крај на месец март 2018 година и беше планирано овој објект да биде финализиран во април/мај истата година.

Но, и во овој временски рок тоа не беше направено. Потоа, од МОН соопштија дека студентскиот дом треба да биде завршен кон крајот на 2021 година, но ни тој рок не беше испочитуван.

На почеток на 2022 година актуелниот министер Јетон Шаќири изјави дека се очекува студентскиот дом да биде готов за семестарот кој започна во октомври минатата година, но ништо од тоа не се оствари.

Во меѓувреме, најновото ветување е дека студентскиот дом ќе биде пуштен во употреба во октомври годинава за учебната 2023/24 година.

Инаку, недостигот на студентски дом претставува проблем за многу странски студенти бидејќи, според нив, цените за сместување во приватните станови се високи, а покривањето на трошоците не е лесно за студентите, како што не е лесно и наоѓањето на еден или двајца цимери со кои ќе се дели станот и трошоците.