На првиот студентски референдум организиран од „Студентски пленум“, 94 отсто од студентите што гласале се изјасниле дека не сакаат Студентскиот парламент да остане невладина организација.

Од пленумот велат дека изборите, кои се одржале на 21 факултет, поминале генерално мирно со одредени притисоци од членови на Студентскиот парламент.

– Денот на референдумот помина генерално мирно, но мора да се забележи и да се истакне дека на одредени факултети членовите на Студентски парламент вршеа притисок врз студентите да не гласаат, вршеа притисок врз изборната комисија да не може да ги преброи гласовите, прашуваа каков е овој референдум иако пленумот на неколку прес-конференции посочи дека е од необврзувачки карактер. Вкупно, излегоа 2.767 студенти. На прашањето дали СПУКМ да остане невладина организација, со „не“ одговорија 2.615 студенти, со „да“ одговорија 137 студенти, а неважечки ливчиња имаше 15. Вчера студентите одржаа час по демократија. Вчера студентите покажаа како треба да изгледаат едни студентски избори и му порачаа на СПУКМ – „Ние сме вашиот крај“ – вели Деа Здравковска од „Студентски пленум“.

Од пленумот велат дека тие не се институционализирана организација за да организираат обврзувачки референдум, а задачата на овој референдум била да се испита пулсот на студентите за Сенатот да не може да каже дека не е запознаен со мислењето на студентите.

Следната среда на платото на УКИМ ќе се одржи генерален пленум, каде што ќе се договараат идните чекори.

– Нареден чекор е одлуката на сенатот. Се формираше комисија на крајот на јули, во која учествуваа и „Студентски пленум“ и Студентскиот парламент. Комисијата не успеа да донесе едногласна одлука и изгласаа два предлози за студентско организирање, по кои Сенатот ќе треба да одлучи во текот на месец. Овојпат бегање од проблемот нема, нема да помине ни со неодржување на седници на Сенатот, нема друг излез освен да се донесе вистинско решение, а тоа е целосно реформирање на студентското организирање во рамките на УКИМ – рече Горан Таневски од „Студентски пленум“.