Студентската организација „БЕСТ Скопје“ организира состанок за проширување на тимот на членови

Фото: „БЕСТ Скопје“

Невладината студентска организација „БЕСТ Скопје“, која што е дел од меѓународната организација „БЕСТ“ (Борд на европски студенти по технологија), организира информативен состанок за проширување на својот тим на членови. Состанокот ќе се одржи на 23.02.2022 (среда) со почеток во 18 часот со локација на Техничкиот Кампус на УКИМ во Скопје.

„Дали сте спремни да го надополните својот животен албум со безброј нови фотографии на коишто се илустрирани најинтересните моменти од вашиот студентски живот? Периодот на студирање за повеќето млади луѓе е еден од највозбудливите периоди исполнети со високи очекувања и планови за остварување на сите цели, како на академски, така и на социјален план. Нашите планови не секогаш работат на начинот на којшто ние би сакале, но најважно е да се фокусираме на она што е највредно – развивање на СВОЈОТ најдобар студентски живот во околина којашто нѐ прави подобри верзии на самите себе“, пишува во повикот. 

Сите заинтересирани лица во врска со можностите што ги нуди „БЕСТ Скопје“, како и запознавање со моменталните членови, своето присуство на состанокот може да го најават со пополнување на формата.

„Бродот на европски студенти по технологија“ како организација располага со локални 90 групи низ цела Европа, нуди безбројни можности за нови патувања и авантури, како и шанса за стекнување пријателства со различни студенти од разновидни култури.

Освен многуте можности за патувања во странство и во рамките на Скопје, БЕСТ ја отвара можноста за личен развој преку секакви тренинг-сесии за учење на меки вештини, можности за организирање на настани за подобрување на организациските способности, работа во тимови и запознавање на многу други студенти.