Со црвени картони и транспаренти преку кои побараа системски промени, дел од македонските студенти денеска протестираа пред Министерството за образованиеи и наука (МОН). Тие порачаа Министерството да работи поорганизирано и да ги почитува роковите што им ги дава за исплата на финансиската поддршка од повеќе мерки – стипендии, ваучери за меѓуградски превоз и субвенциониран оброк.
Стипендиите и средствата за меѓуградски превоз што утрово им легнаа на сметките, не ги поколебаа присутните да го донесат своето незадоволство пред институцијата одговорна за образовниот систем и студентскиот стандард.
Околу 300 студенти нешто по 14 часот пристигнаа пред зградата на МОН со свирежи и кренати црвени листови, сигнализирајќи го револтот од, како што рекоа, неисплаќањето на средствата што институцијата им ги должи.
„Од амфитеатар до улица“, „Сакаме бесплатно високо образование“, „Министер(ство) без образложение“, беа дел од многуте пораки што се најдоа на студентските транспаренти.
Меѓу натписите можеа да се забележат и неколку сатирични и провокативни пораки.
Протестот беше организиран од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), а доби поддршка и од собранијата на останатите државни и дел од приватните универзитети, како и од неколку студентски организации, платформи и неформални движења.
Денешниот студентски протест доаѓа откако МОН „ја прели чашата“ со тоа што доцнеше во „раздолжувањето“ со студентите.
„Присутните го искажуваат големиот револт кој се создаде поради неисплатата на мерките кои ги има МОН кон студентите. Ова е покажување на еден црвен картон кон работењето на Министерството за образование и наука и ние како УСС ќе се залагаме во иднина студентите да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен“, рече во изјава за медиумите Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ.
„Тука сме сите заедно и сплотени. Така што, ги бараме промените коишто ги заслужуваме во високото образование и бараме институциите да нè слушнат и конечно да го уважат нашиот глас“, порача Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ.
МОН вели младите да бидат спокојни, Шаќири со порака студентите да ја чуваат енергијата за испити
Неколку минути пред да започне протестот, од Министерството за образование преку соопштение до медиумите информираа дека сите ученички и студентски стипендии на постојните корисници се исплатени заклучно со јануари, а дека исплатата за новите корисници ќе се реализира во текот на неделата.
„Младите треба да се спокојни, сите средства кои им следуваат ќе им бидат целосно исплатени. Оваа Влада нема практика да укинува права, туку напротив се заложува за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и во таа насока, во последните неколку години се воведоа низа нови права и можности кои во минатото не постоеја“, велат денеска од МОН.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, пред протестот, преку Фејсбук објава им порача на студентите концентрацијата и енергијата да ги искористат за испитната сесија и да не дозволат да бидат манипулирани од злонамерни повици и дезинформации.
„Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици“, напиша Шаќири на Фејсбук.
Студентите, пак, повторија дека средствата доцнат.
„Според ветувањата, средствата требаше првично да бидат легнати средина на јануари, па крај на јануари, а тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивна исплата за стипендии, мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција“, рече Николовски од УСС УКИМ.
Студентите рекоа дека засега не се планирани нови протести, но не ја исклучуваат можноста доколку се појави потреба за тоа.