Студентите на УКИМ организираат журка за реновирање на студентските домови

фото: Универзитетско студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ)

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) утре организира хуманитарна забава на која собраните средства ќе бидат наменети за реновирање на дел од објектите во студентските домови.

Од ова студентско собрание за Мета.мк велат дека забавата има за цел директно да помогне во подобрувањето на условите во студентските домови.

Една од опциите за искористување на собраните средства е опремување на објект што е дел од втората зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“ кој треба да претставува еден вид младински информативен клуб, налик на Студентскиот културен центар што треба да се отвори наскоро. Тие појаснуваат дека нивна цел со донирањето во домовите не е да ја завршат работата на МОН, туку како студенти да помогнат да се изгради нешто кое понатаму ќе го користат и следните генерации на студенти.

Забавата ќе се одржи утре со почеток во 19:00 часот во „Skopje Event Centar“, а билетот ќе чини 100 денари. На забавата ќе настапат повеќе македонски пејачи, бендови и диџеи.

Студентите на УКИМ ги повикаа општествените чинители да се приклучат на иницијативата и да ги контактираат на [email protected].

„Ја користиме оваа прилика да ве поканиме сите вас активни чинители на ова општество кои сте директно или индиректно засеганти од лошите услови во студентските домови и би сакале да помогнете на каков било начин, да присуствувате на нашата „Журка за реновирање““, стои во повикот на УСС УКИМ, од каде додаваат дека кутии за донации ќе бидат поставени на сите следни настани што ќе бидат во нивна организација.