Струшки вечери на поезијата: Да беше роден во моќна западноевропска земја, Ацо Шопов ќе беше тамошна школска лектира

Пред бројните гости беше прочитана и дел од поезијата на Шопов, а во рамките на фестивалот беше отворена и изложба на фотографии

фото: Струшки вечери на поезијата

Одбележување на сто години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов се одржа вчера во црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамки на 62. издание на фестивалот „Струшките вечери на поезијата“.

Пред бројните странски и домашни гости свое обраќање имаше литературната критичарка и теоретичарка Елизабета Шелева, која истакна дека Шопов е поет од светски ранг.

„Моето обраќање денес, по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, кој беше прв претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата – по измината временска дистанца од 62 години – го доживувам не само како особена чест и привилегија туку и како симболично совпаѓање на неколку детали и околности, занимливи од книжевно-историски аспект. Имено, тие потврдуваат дека времето како невидлив уметник го ниже својот величествен мозаик од „камчињата“ историја што само на прв поглед изгледаат како случаен сплет на луѓе и настани“, рече Шелева.

Според неа, Ацо Шопов остана голем поет кому „забот на времето“ не успеа да му украде, ниту да му одземе ни трошка од поетската магија и убавина.

„Да беше роден во некоја од моќните западно-европски книжевни култури и традиции, Ацо Шопов несомнено ќе беше вграден како незаобиколен автор во тамошната школска лектира и како неизоставен дел на националниот книжевен канон“, истакна Шелева.

Таа потенцираше дека Шопов зад себе остави богато и респектабилно книжевно наследство, сплет од безвременски песни и мотиви чии елементи и крилатици ги освоија срцата и паметењето на неговите читатели.

„Шопов наликува на модерен Болен Дојчин чијшто последен, како и прв подвиг, е содржан во непобедливиот импресум на сетилноста и убавината, на песната и доживотната преданост кон неа. „Недочитливоста“ на оваа поезија е триумф и победа пред минливоста – моќен поттик одново да се думаме и во иднина маѓепсано да пребираме низ луцидните поетски бисери и езерски гатанки на Шопов“, додаде Шелева.

Пред бројните гости беше прочитана и дел од поезијата на Шопов. Во негова чест, во рамките на фестивалот беше отворена и изложба на фотографии.

Затворањето на фестивалот „Струшките вечери на поезијата“ е вечерва со почеток во 20:30 часот.