Стрип-авторот Игор Јовчевски – специјален гостин на фестивалот „Стрипорама“ во Ниш

На „Стрипорама“ Јовчевски ќе го претстави неговиот неодамна објавен стрип-албум од серијалот „Кантана“ насловен „За одмазда повеќе“, инспириран од вестерн-филмовите на Серџо Леоне со Клинт Иствуд

Промотивна илустрација за „Стрипорама“. Фото: Стрипарница Јужни Дарквуд.

Од 10 до 13 август во Ниш ќе се одржи осмото издание на Меѓународниот фестивал на стрип и популарна култура „Стрипорама“. Меѓу 12-те еминетни стрип-уметници од неколку земји, кои се поканети како специјални гости, е и македонскиот автор Игор Јовчевски.

Фестивалот „Стрипорама“ го организира стрипарницата „Јужни Дарквуд“ а се одржува во содејство со Меѓународниот џез фестивал „Нишвил“ (Nišville). Тие заедно, во годините пред пандемијата, успеваа да привлечат повеќе десетици илјади посетители во најголемиот град во Јужна Србија.

На „Стрипорама“ Јовчевски ќе го претстави неговиот неодамна објавен стрип-албум од серијалот „Кантана“ насловен „За одмазда повеќе“, инспириран од вестерн-филмовите на Серџо Леоне со Клинт Иствуд.

Меѓу другите почесни гости на фестивалот спаѓаат италијанскиот илустратор Марко Бијанкини кој има работено на популарните „Мистер Но“, „Текс“ и „Дилан Дог“, бугарскиот стрип-автор Анани Борисов и хрватскиот стрип-автор и дизајнер Тихомир Тикулин.

Најавено е и учество на низа актуелни автори од Србија како Милан Мишиќ, Мијат Мијатовиќ, Тихомир Тикулин, Сабахудин Мурановиќ, Иван Стојковиќ, Никола Станковиќ, Ана Милојковиќ – Оми и младата надеж Наѓа Тиодоровиќ – Таггз (16), која црта во стилот на јапонска манга.

На ова издание на фестивалот особено се истакнува учеството на легендата на југословенскиот стрип Сибин Славковиќ (70), припадник на генерацијата автори од седумдесеттите и осумдесеттите кој има работено на низа домашни стрипови како „Нинџа“ и на лиценцирани изданија како „Тарзан“ и „Велики Блек“, а беше и уредник на култните списанија „Ју стрип“ и „Стрипотека“.

Како дел од подготовките, организаторот на фестивалот на социјалните мрежи објавува и серија постери направени од дел од специјалните гости во кои се комбинираат илустрации на некои од нивните ликови со екстериери на Нишката Тврдина или градот Ниш. Како прва илустраторка од тоа портфолио е претставена Ана Милојковиќ Оми.