Герила акција посветена на проблемот со сè позачестените појави на рибокрадство со употреба на струја во струмичкиот регион организираше група еколози и спортски риболовци собрани околу платформата „Корморани“ во соработка со Центарот за современи уметности од Скопје.
Оваа платформа која се залага за зачувување на водените екосистеми и одржлив спортски риболов, постави инсталација на градскиот плоштад во Струмица. Тие велат дека во последно време, нивни членови и други спортски риболовци и еколози сведочат за зачестени појави на рибокрадство во овој регион, особено на акумулациите Турија и Водоча, како и на реката Струмица.
„Уловените риби нелегално се продаваат на пазарите и други канали без почитување на хигиенскo санитарни мерки, ладен синџир на достава и најчесто се бајати и полурасипани. За жал освен спортските риболовци надлежните институции не преземаат никакви посериозни чекори за спречување на овие појави кои го уништуваат рибниот фонд. Она што е особено загрижувачко е што покрај мрежи и други недозволени алатки рибокрадците се почесто користат и електронски направи за неселективно убивање на рибите со висок напон и висока електролитска фреквенција“, велат од „Корморани“.
Од платформата појаснуваат дека согласно најновите податоци од истражувања на Европската агенција за безбедност на продуктите и храната, рибите и останатите водени организми убиени или уловени со струја и слични инструменти кои користат електролитички процеси, се небезбедни за човекова исхрана и за исхрана на домашните животи.
„Во процесот на усмртување на рибите со електролитична висока фреквенција доаѓа до промена на молекуларната структура кај рибиното месо. Овие молекуларни промени на меките ткива ја менуваат структурата на месото со што истото станува неподобно и опасно за исхрана, а забележани се и појави на канцерогени клетки и структури кои претставуваат сериозна закана по човековото здравје“, појаснуваат од „Корморани“.
Од платформата додаваат дека ја организираат акцијата за да се подигне јавната свест и да не се купува илегално уловена и непроверена риба, но и да предизвикаат реакција кај надлежните посериозно да се зафатат со контрола и спречување на илегалниот риболов.
Акцијата „Стоп за рибокрадците“ е во продукција на програмата за уметнички и креативен активизам на Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со платформата за риболовци „Корморани“.