Стипендии за 135 студенти на УКИМ од од Фондацијата „Атанас Близнакоф“

Настанот на доделувањето на стипендиите од фондацијата „Атанас Близнакоф“ се одржа онлајн. Фото: Македонија 2025, 12 октомври 2021

Вкупно 135 студенти од првиот циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) – Скопје, денеска добија стипендии, обезбедени од фондацијата „Атанас Близнакоф“, во соработка со организацијата „Македонија 2025“.

Годишниот износ на стипендијата е 120.000 денари. Стипендистите се од различни делови на Македонија, со речиси еднаква родова и етничка застапеност.

Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои се запишани на прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои постигнале исклучителни резултати и успех во претходниот циклус на образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на сопственото образование.

Иако првично беше планирано да бидат доделени 40 стипендии, фондацијата „Атанас Близнакоф и семејството, одлучија оваа година бројот на доделени стипендии да се зголеми, односно да се поддржат сите апликанти кои се пријавија на овој конкурс, појаснуваат од „Македонија 2025“.

„Сметаме дека овие млади мотивирани луѓе, кои потекнуваат од социјално-ранливи семејства, заслужуваат да им се даде можност да го продолжат своето образование на факултет по нивни избор, со што би го поддржале нивниот професионален развој и успех. Убедени сме дека овие млади таленти во иднина ќе бидат успешни професионалци, кои ќе придонесат за понатамошен развој и напредок на Македонија“, изјави Митре Кутановски, ко-основач на Македонија 2025, претставник на семејството на Атанас Близнакоф и претставник на фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД.

Фондацијата „Атанас Близнакоф“ e основана во 1977 година од еден од најголемите донатори од дијаспората. Стипендиите се обезбедуваат од камати и од дивиденди на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Во 2018 година се формираше сестринска фондација во САД, со што се ослободени 5 милиони американски долари кои од смртта на Близнакоф во 1998 година стоеле блокирани во САД.

Во периодот 1977 -2000 година, корисници биле над 269 стипендисти, додека од 2000 до 2010 година фондацијата има поддржано над 250 студенти на УКИМ.