Американскиот Стејт департмент ја поддржува работата на амбасадорот Џес Бејли, се вели во одговорот на прашањето на „Гласот на Америка“ на македонски, по шпекулациите во некои медиуми дека Амбасадата во Скопје не зборува од името на администрацијата на САД. Портпаролот на Стејт Департментот, Марк Тонер, беше дециден дека нема промена во американската политика спрема Македонија.
– Американската политика во Македонија е да ја поддржи евро-атлантската интеграција на државата и реформите потребни за напредување кон таа цел. Тоа вклучува поддршка за демократските реформи, владеењето на правото и целосно имплементирање на Договорот од Пржино – вели тој.
Тонер потврди дека насоките за амбасадорот Бејли и за неговиот тим се да „работат во партнерство со македонските власти, како и со граѓанското општество за унапредување на американската политика и целите на САД“, додавајќи дека Стејт департментот има полна доверба во амбасадата и во амбасадорот во Македонија.
Портпаролот во американскиот Стејт департмент нагласи дека САД, како пријатели на Македонија, силно ги поттикнуваат сите страни да го почитуваат владеењето на правото, демократските процеси и меѓународните обврски на Македонија.
– Ние сакаме да видиме силна Македонија, на патот кон станување членка на евро-атлантското семејство – додаде Тонер.