Проверката покажува дека од шесте споделени фотографии во постот, за коишто се тврди дека го претставуваат невремето што го зафати Балканот изминатите денови, само две се автентични и навистина го прикажуваат неодамнешното невреме. Останатите четири немаат никаква врска со Балканот, ниту, пак, се снимени во 2023 година. Во објавата, исто така, неточно се тврди дека невремето на Балканот е вештачки креирано преку ХААРП напади. Но, ХААРП ниту е, ниту може да биде виновен за климатските промени, пишува Вистиномер во својата анализа
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
На вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук споделени се шест фотографии од невремиња за кои се тврди дека се снимени во неколку балкански земји и дека за тоа е виновен ХААРП.
Балканот е под интензивни Хаарп напади,заради уништување на земјоделските посеви и создавање на вештачки глад
Сликите се од Србија,Босна и Хрватска, пишува во постот.
Во постот се тврди дека шесте фотографии на коишто се гледаат страшни временски непогоди, се снимени во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска и дека гo прикажуваат неодамнешнoто невреме што ги зафати овие земји.
Но, четири од шест споделени фотографии немаат никаква врска со Балканот, ниту, пак, со бурите коишто се случуваа изминатата недела.
Според медиумските извештаи, првата фотографија навистина е снимена на Балканот односно во Сремска Митровица, а како автор на фотографијата потпишана е Јелена Бркиќ. Фотографијата е објавена на 21 јули што значи дека навистина е снимена за време на бурата која што ја зафати Србија.
Втората фотографија нема никаква поврзаност со Балканот. Всушност таа ги претставува облаците коишто ја донеле бурата во Холјок, Колорадо пред пет години, односно во мај 2018 година.
Третата фотографија е снимена во Варшава, главниот град на Полска, од невремето коешто се случило пред цели 14 години, односно во јули 2009 година.
Четвртата фотографија, исто така, е снимена далеку пред невремето што сега го зафати Балканот. На неа е прикажана бура со грмотевици фотографирана во Еншеде, Холандија, на 17 јули 2004 година, 19 години пред бурите што го зафатија соседството.
На петтата фотографија претставени се облаци маматус кои се едни од најнеобичните и најкарактеристични формации на облаци со низа испакнатини или торбички кои излегуваат од основата на облакот. Обликот на формациите на маматус може многу да варира, од класичната испакната форма, до поиздолжена цевка која виси од облакот горе. Пребарувањето на фотографијата онлајн не дава конкретни резултати, а вакви појави на небото досега се случиле многупати во повеќе различни земји, па не може со сигурност да се тврди кога и каде е снимена оваа конкретна фотографија. Според листовите од дрвјата што се прикажани на фотографијата, голема веројатноста е таа да не е снимена на Балканот затоа што листовите од дрвата се од некој вид палма, коишто најчесто се наоѓаат во тропски предели.
Шестата фотографија, според неколку објави на социјалните мрежи (тука и тука), снимена е во Рума, град во Србија од авторот Вукашин Неделковиќ пред неколку денови, односно од неодамнешната бура во Србија.
Проверката покажува дека од шест објавени фотографии за коишто се тврди дека го претставуваат невремето што го зафати Балканот изминатите денови, само две се автентични и навистина го прикажуваат неодамнешното невреме. Останатите четири немаат никаква врска со Балканот, ниту се снимени 2023 година.
Освен што неточно е прикажан контекстот на фотографиите, во објавата се тврди дека невремето на Балканот е вештачки креирано преку ХААРП напади. Но, ХААРП ниту е, ниту може да биде виновен за климатските промени.
ХААРП, е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.
Теоретичарите на заговор велат дека ХААРП е дизајниран да произведува земјотреси и други природни катастрофи, како и промена на временските услови. Сепак, научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да го промени времето.
Радиопреносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди. Нема докази дека ХААРП може да предизвика природни катастрофи или да влијае врз човековите движења и мисли.
Од сите наведени факти заклучуваме дека оваа објава ја манипулира јавноста преку споделување неточни информации. Поголемиот дел од фотографиите закачени на постот не се направени за време на бурите што ги погодија неколку балкански земји, ниту, пак, за тоа може да се обвини ХААРП-от.