Нова кампања за донации за Украина преку „World of Warcraft“ со Мила Кунис како заштитно лице

Кампања на актерката преку „World of Warcraft“ е спроведена од компанијата „Близард“

pet-pack-for-ukraine-wow-mila-kunis
Извор : battle.net Blizzard Entertaiment

Започна нова кампања за донации за Украина преку видеоиграта „World of Warcraft“ (Светот на војување) со Мила Кунис како заштитно лице. Кунис е холивудска актерка со еврејско потекло, родена во Украина. Позната е по улогите во серијата „Седумдесeттите” со Ештон Качер, потоа по филмот „Црниот лебед“ што имаше огромен светски успех каде глуми заедно со Натали Портман, а глумеше и во „Книгата на Ели” со Дензел Вашингтон и во филмот базиран на видеоигра „Макс Пејн”. Мила Кунис истовремено е и страствен играч на „World of Warcraft“ целиот нејзин живот.

Погледнете го видеото и дознајте за што точно се работи:

Акцијата е наречена „Pet Pack for Ukraine“. Мила Кунис, чие вистинско име е Милена Марковна (Мила) Кунис, не само што добро ја игра и познава „World of Warcraft“, туку во интервјуа раскажувала како се претставувала како архитект бидејќи се појавувала во играта во различни временски зони, а сакала да остане анонимна, па со таа “бела лага” се покрила дека често патувала.

Еднаш дури ѝ го препознале и гласот, но во момент кога играла алтернативен карактер (Alt), а не нејзиниот главен лик. Од ситуацијата се извлекла да не дознаат која е, така што тој карактер не го играла никогаш повеќе.

Инаку, оваа кампања на актерката преку „World of Warcraft“ спроведена од компанијата „Близард“ е базирана на донации од по 20 евра. Ако донирате, добивате два мини миленика во играта со боите на украинското знаме, односно мало кученце наречено „Sunny“ – златен ретривер со навистина добро сработени анимации, а го добивате по неколку квеста за него од кој било „Innkeeper“ (Меанџија) во главниот град на вашата фракција Огримар или Стормвинд. Вториот миленик е мурлок наречен „Flurky“ од видот слатки мали суштештва што живеат покрај и во вода во играта.

Двата миленика имаат специјални ефекти, а ќе можете да ги користите во „Драгонфлајт“ експанзијата и во „Лич Кинг Класик WoW“. 

Организацијата што стои зад оваа иницијатива се вика „BlueCheck Ukraine“ и нејзин ко-основач е познатиот актер Лиев Шрајбер. Средствата собрани од оваа акција во најголема мера ќе бидат наменети за хуманитарна помош, медицинска помош и поддршка на деца сирачиња, како и за снабдување со основните потреби за луѓето опфатени од војната во Украина.

Повеќе информации има на следниот линк, каде можете и да донирате.