Агробизнис-комората при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), предупреди дека пред почетокот на жетвата се очекуваат значително помали приноси, особено во споредба со минатата година, а во одредени региони од земјата нема ниту да има жетва.

Причини за ваквата состоба се лошите временски услови, но и недоволната примена на агротехничките мерки за да може да се спаси родот.

„Очекуваните приноси од пченицата годинава се преполовени во споредба со минатата година. Во вакви услови за стабилизирање на пазарот, препорака е да се изврши интервентен откуп на пченица од страна на Бирото за стокови резерви, пред почетокот на откупот, за да бидат заштитени сите страни и да има стабилност на пазарот. Битно е да се собере секое зрно, бидејќи ако се зголеми откупот, автоматски интересот за сеидба за следната сезона ќе се зголеми, а со тоа и површините со житни култури“, изјави Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората.

Горан Ѓорѓиевски, кој доаѓа од мелничко-пекарската индустрија, вели дека доколку имаме ситуација на зголемување на цената на пченицата, тоа ќе значи зголемување на цената на брашното, а со тоа и на цената на лебот.

„Трба да се напомене дека поради лошата сезона, можно е да потфрли и квалитетот на пченицата. Затоа дел од мелничарите се одлучуваат за увоз на поквалитетна пченица по иста цена со домашната. Минатата година цената на брашното беше 12 денари за еден килограм“, изјави Ѓеорѓиевски.

Според официјалните податоци, минатата година од 80.000 хектари насеани со пченица, родот тежеше 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната жетва. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар.