Висок претставник на републиканците во Конгресот на САД, денеска бил ранет во вооружен напад за време на бејзбол-тренинг во Вирџинија, јавуваат американските медиуми.

Полицијата од Александрија, предградие на Вашингтон, соопштила дека во тек е истрага поврзана со „повеќекратни пукотници“ и дека осомничениот е уапсен и се наоѓа во притвор.

Конгресменот од Алабама, Мо Брукс, за „Си-ен-ен“ изјавил дека во нападот бил ранет координаторот на републиканците во Конгресот, Стив Селис.

Нападот се случил додека конгресмените се подготвувале за годишниот бејзбол-натпревар помеѓу демократите и републиканците, кој треба да се одржи утре на стадионот на бејзбол-клубот „Вашингтон нешнлс“.

Засега не е познат идентитетот на напаѓачот, ниту мотивите за пукањето.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по нападот изјави дека тој и неговата администрација се длабоко погодени од оваа трагедија.

Според конгресменот Мо Брукс, по првите пукотници дошло до престрелка помеѓу напаѓачот и обезбедувањето на конгресменот Селис и дека на местото на настанот биле испукани помеѓу 50 до 100 куршуми.

Републиканскиот сенатор од Јута, Мајк Ли, за „Фокс њуз“ изјавил дека Селис бил ранет во колкот, но дека е надвор од животна опасност.