fbpx

Српски „Информер“ вежба пропагандна војна против регионот

Весникот ја поставува Србија во улога на жртва, го потхранува митот за опколеност со непријатели, кој и отворено се потврдува со зборовите „злосторничкиот НАТО повторно демонстрира сила на Балканот и испраќа порака до Србија дека е окружена со непријатели“

-

Белградскиот таблоид „Информер“ објави напис со наслов „Црногорците, Македонците, Хрватите и Бугарите со Шиптарите вежбаат за војна против Србија! НАТО се врти против нас!“ („Crnogorci, Makedonci, Hrvati i Bugari sa Šiptarima vežbaju za rat protiv Srbije! NATO nam radi o glavi!“) во кој се изнесени редица невистини и манипулации, но и кој е длабоко навредлив по повеќе основи. Така, на пример, главната фотографија со написот вклучува фотошопирана илустрација во која се вметнати црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, македонскиот премиер Зоран Заев, хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи, при што на главата на Заев е ставена албанската традиционална капа – „кече“, со што се потхранува национал-шовинистичка претстава за македонскиот премиер како „предавник“, како некој кој се свртил „против своите“ и застанал на страната на „противникот“, во овој случај – Албанците.

Главната тема на написот е тукушто спроведената воена вежба на НАТО во Албанија. Манипулациите продолжуваат и преку неточно преведеното име на самата вежба. Таа е преведена како „Албанска сила 19“, но ваквиот превод е сосема неточен. Оргиналот на англиски гласи „Albanian Effort 19“, што би значело „Албански напор 19“. Англискиот збор „effort“ никако не може да се преведе „сила“ и со тоа да се асоцира на покажување сила или манифестација на моќ, односно да се наметне впечаток пред читателите како да станува збор за провокација и од албанската и од страна на другите учесници во вежбата, што едноставно не е точно.

Насловот на самиот напис е, исто така, манипулативен и навредлив. Тој сака да ги претстави Србите и Србија како жртви на заговор направен од соседите. Не станува збор за никакво вежбање војна на „Црногорците, Македонците, Хрватите и Бугарите со Шиптарите“ против Србија, туку на воена вежба на НАТО сојузниците од регионот и пошироко. Земјите од насловот се или членки на НАТО, или се блиску до членство во НАТО, или, пак, се поканети да учествуваат на воената вежба и со оглед на тоа што станува збор воена алијанса, сосема е очекувано таа да одржува воени вежби. Настрана фактот што во оваа воена вежба не учествуваа само „Црногорците, Македонците, Хрватите и Бугарите со Шиптарите“, туку и припадници на оружените сили на други земји членки на НАТО алијансата какви што се: Турција, САД, Обединетото Кралство, Германија, Италија и Полска. Од ова јасно се гледа петте спомнати соседни земји во насловот не вежбаат за никаква „војна против Србија“, освен ако „Информер“ не смета дека меѓу сите овие земји (и соседите и другите) постои некаков таен заговор против Србија.

Манипулациите на завршуваат тука. Во самиот напис се спомнува дека на вежбата ќе учествуваат и припадници на вооружените сили и од другите земји членки на Алијансата, кои не и се соседи на Србија, но тоа не се кажува на таков начин. Имено, претставниците на оружените сили од Турција, САД, Обединетото Кралство, Германија, Италија и Полска не се именуваат како такви, туку како „инструктори“ во поддршка на „Црногорците, Македонците, Хрватите и Бугарите со Шиптарите“. Со ова се засилува измислениот заговор против Србија и се продлабочува впечатокот дека војските од соседните земји подготвуваат војна против Србија, а во тоа добиваат инструктажа од нивните сојузници надвор од регионот. Со тоа весникот дополнително ја става Србија во улога на жртва, го потхранува митот за опколеност со непријатели, кој и отворено се потврдува со зборовите „злосторничкиот НАТО повторно демонстрира сила на Балканот и испраќа порака до Србија дека е окружена со непријатели.“

Ваквата оценка за една воена вежба е претерана и надвор од реалноста. Се разбира дека оружените сили на земји членки, идни членки и поканети земји на една воена алијанса ќе организираат воени вежби и тука нема ништо чудно. Со оглед на ова, не може од секоја воена вежба да се извлекуваат заклучоци за демонстрација на сила и непријателски намери.

Избор на Србија е (барем засега) да не стане земја членка на НАТО. Таквата незина одлука е испочитувана, но не може сите други земји кои решиле да се приклучат кон западната воена алијанса да се нарекуваат „злосторници“. НАТО наскоро ќе има 30 членки, меѓу кои се и најмоќните земји на планетата. И ако сите тие беа членки на злосторничка алијанса, малку е веројатно дека на Србија ќе и беше дозволено да остане неутрална, истовремено да води преговори за членство во Европската унија и слободно и отворено да кокетира со Москва.

Пишува: Владимир Петрески

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...