Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Дури 5.000 примери на кршење на Кодексот на новинарите од страна на дневни весници биле регистрирани во 2019 година во Србија, покажуваат податоците на српскиот Совет за печат.

Како што пренесува сервисот за борба против дезинформациите raskrikavanje.rs, од осумте дневни весници што биле анализирани, првите четири места по најголем број прекршувања биле таблоидите „Ало“, „Курир“, „Српски телеграф“ и „Информер“, кои преку различни канали добиваат најмногу пари од властите.

Oд почетокот на јули до крајот на минатата година, регистрирани се 5.057 текстови во кои е прекршен Кодексот на новинарите.

Прв на списокот е таблоидот „Ало“, со 1.266 текстови, а по него се „Курир“ со 1.106, „Српски телеграф“ (864) и „Информер“ (667). Потоа следуваат весниците „Блиц“ (511), потоа „Вечерње новости“ (354), додека „Политика“ (234) и „Данас“ (55) се на дното на списокот.

Според Советот за печат, бројот на прекршоци пораснал за 17 отсто во однос на 2018 година, а најчестите прекршувања се однесуваат на претпоставката за невиност.

Исто така имало и многу кликбејт-наслови, и текстови со дискриминациски говор и говор на омраза.

Советот за печат посебно внимание обратил и на текстови во кои се споменуваат малолетници. Така, таблоидот „Курир“ ги прекршил одредбите на Кодексот во 151 текст што се занимавал со деца, а го следи „Ало“ со 141 текст, а потоа е „Вечерње новости“ (70) и „Информер“ и „Српски телеграф“ со по 21 текст.

Како што пишуваше raskrikavanje.rs претходно, четирите српски таблоиди на чии насловни страници минатата година raskrikavanje.rs пронашол само малку помалку од 950 лажни вести, во истата таа година преку државни тендери добиле повеќе од 600.000 евра.