Според Твитер, починатите Мајкл Џексон и Коби Брајант плаќаат 8 долари месечно за претплата на „Твитер Блу“

Корисниците на Твитер се збунети од тоа како функционира новиот систем за верификација, но хаосот што владее на оваа платформа по нејзиното купување од страна на Илон Маск не е изненадувачки

фото: Brett Jordan на Unsplash

Откако извршниот директор на Твитер, Илон Маск го исполни ветувањето дека од април ќе ги отстрани сините беџови за верификација од профилите на корисниците што нема да платат, голем број познати личности повторно почнаа да ги добиваат беџовите на своите сметки – а меѓу нив, како што пишува „Врџ“, се и починати лица.

Минатата недела Твитер започна да ги отстранува беџовите кои означуваат верификуван, односно потврден идентитет на корисникот кај оние корисници кои одбиваат да плаќаат по 8 долари месечно за беџот преку претплата на „Твитер Блу“. Претходно, пред Илон Маск да ја преземе компанијата, ваквите сини ознаки беа бесплатни и им се доделуваа на познати личности, новинари, организации и влади за луѓето да можат да ги разликуваат нивните вистински профили од лажните.

Би-би-си во петокот објави дека меѓу оние што ги изгубиле беџовите на своите профили на Твитер беа и фудбалерот Кристијано Роналдо и пејачката Бијонси. Меѓутоа, на нивните профили, како и на оние на стотици други познати личности кои претходно ги изгубија ознаките, од викендов повторно можат да се забележат сини беџови.

Она што е веројатно е дека повторното појавување на сините ознаки е дел од пошироката, а ненајавена шема на Твитер за бесплатно враќање на верификацијата на корисниците кои имаат над 1 милион следбеници.

Меѓутоа, сините беџови ги добија и починатите познати личности. Така, ако се доближите до оваа ознака на профилот на Мајкл Џексон или Коби Брајант, Твитер прикажува порака која вели дека „овој корисник е потврден бидејќи е претплатен на Твитер Блу и го потврдил својот телефонски број“.

Tviter Majkl Dzekson
фото: принтскрин од Твитер

Покрај нив, меѓу починатите ѕвезди кои ги добија верификуваните профили назад се и Чедвик Боузман, Пол Вокер и Ентони Бурдејн.

Според Твитер, дури и истакнатиот новинар и колумнист Џамал Кашоги плаќа по 8 долари месечно, и покрај тоа што новинарот беше убиен во 2018 година.

„Врџ“ пишува дека во некои случаи можеби е точно оти организациите кои управуваат со сметките на починатите корисници аплицирале за верификуван статус, но многу вакви сметки се во мирување со години, па оваа постапка на платформата може да се оцени како нечувствителна.

Инаку, Би-би-си објави дека Твитер изминатиов викенд ѝ дал верификуван статус и на лажна корисничка сметка која ја имитира компанијата „Дизни“.

Сметката наречена „@DisneyJuniorUK“ објавувала невкусни содржини, а откако нејзиниот сопственик платил, благодарение на новите нејасни правила на Твитер сметката добила златен беџ кој „потврдува“ дека станува збор за официјален профил на компанијата „Дизни“. Беџот подоцна бил избришан, а во меѓувреме, и официјалниот и вистински профил на „Дизни Џуниор“ доби иста ознака.

Корисниците на Твитер се збунети од тоа како функционира новиот систем за верификација, но хаосот што владее на оваа платформа не е изненадувачки.

Не секој што одбива да плати за верификација остана без својот син беџ, а за ова очигледно не одлучува никој друг, туку самиот Илон Маск. Па така, корисничките сметки на американскиот кошаркар Леброн Џејмс и писателот Стивен Кинг и понатаму ги имаат сините ознаки, и покрај тоа што не платиле. Според „Врџ“, самиот Илон Маск лично ги платил годишните претплати за повеќе корисници, меѓу кои и за Леброн Џејмс, Стивен Кинг и Вилијам Шатнер.

Претходно, кога Маск ја најави идејата за плаќање на беџот за верификација, истото го претстави како начин за „демократизација на Твитер“, сугерирајќи дека елитите повеќе нема да добиваат повластен статус. Последната одлука укажува дека некои луѓе на Твитер, сепак, имаат привилегии.