Твитер започна со селективно одземање на сините ознаки за корисниците што не платиле

Претходно, кога Маск ја најави идејата за плаќање на беџот за верификација, истото го претстави како начин за „демократизација на Твитер“, сугерирајќи дека елитите повеќе нема да добиваат повластен статус. Последната одлука укажува дека некои луѓе на Твитер, сепак, имаат привилегии

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Социјалната мрежа Твитер вчера започна со отстранување на некогаш посакуваниот син беџ од илјадници кориснички сметки. Овој потег доаѓа додека сопственикот – милијардерот Илон Маск се обидува да ги промени правилата на компанијата за да оствари профит.

Корисниците што пред преземањето на Твитер од Маск го имаат добиено синиот беџ со кој нивниот идентитет на платформата бил верификуван, доколку сакаат да ја задржат таа ознака сега мора да плаќаат 84 американски долари годишно за да се претплатат на функцијата „Твитер Блу“. Во спротивно, нивните претходно верификувани сметки ќе ја загубат ознаката.

Би-би-си пишува дека меѓу оние што вчера ги изгубиле сините беџови на своите профили на Твитер се фудбалерот Кристијано Роналдо и пејачката Бијонси.

Одземањето на беџовите наиде и на потсмев на оваа социјална мрежа. Американскиот рапер Ајс Ти напиша дека вревата поради ваквите проверки е непотребна.

„Фактот што дури разговараме за сините беџови е тажен момент во општеството“, напиша тој.

Одлуката да се монетизира верификацијата може да доведе до масовна промена на културата и моќта на платформата.

За ваквата промена, „Врџ“ пишува дека „општиот став на Маск кон новинарите е мрачен, а отстранувањето на верификацијата останува злобен напор да се поткопа секој што е критичен кон милијардерот и неговите претпријатија“.

Меѓутоа, не секој што одбива да плати ќе остане без својот син беџ, а за ова очигледно не одлучува никој друг, туку самиот Илон Маск. Па така, корисничките сметки на американскиот кошаркар Леброн Џејмс и писателот Стивен Кинг и понатаму ги имаат сините ознаки, и покрај тоа што не платиле.

Според „Врџ“, самиот Илон Маск лично ги платил годишните претплати за повеќе корисници, меѓу кои и за Леброн Џејмс, Стивен Кинг и Вилијам Шатнер.

Токму Леброн Џејмс беше меѓу најгласните противници на платената сина ознака, неколку пати истакнувајќи оти нема да плати за да биде верификуван.

Претходно, кога Маск ја најави идејата за плаќање на беџот за верификација, истото го претстави како начин за „демократизација на Твитер“, сугерирајќи дека елитите повеќе нема да добиваат повластен статус. Последната одлука укажува дека некои луѓе на Твитер, сепак, имаат привилегии.

Критичарите тврдат дека потегот на платена верификација ќе ги засили дезинформациите бидејќи претплатниците на „Твитер Блу“ ќе добијат приоритетни рангирања, а Маск веќе најави дека само твитовите на проверените корисници ќе им бидат прикажувани како „препорачани“ на останатите во делот „За тебе“ (For you).