Само корисниците што плаќаат 8 долари месечно ќе можат да гласаат на анкети на Твитер

Објавите на корисниците кои не платиле за син беџ повеќе нема да влезат ниту во алгоритмот на препорачани твитови

фото: Brett Jordan на Unsplash

Нови промени на платената функција на Твитер, наречена Твитер Блу (Twitter Blue), најавува шефот на компанијата – милијардерот Илон Маск. Почнувајќи од 15 април, само корисниците што платиле за син беџ и имаат верификувани сметки ќе можат да гласаат на анкетите на оваа социјална мрежа.

Според новата политика, само твитовите објавени од верификуваните профили ќе им бидат прикажувани како „препорачани“ на останатите корисници во делот „За тебе“ (For you). Објавите на корисниците кои не платиле за син беџ, пак, повеќе нема да влезат во алгоритмот на препорачани твитови.

Корисниците во моментов плаќаат 8 американски долари месечно за нивниот идентитет да биде потврден и да добијат обоен беџ.

Во своја објава на Твитер, Маск рече дека ваквите промени биле „единствениот реален начин за справување со ботовите со напредна вештачка интелигенција“.

„Во спротивно, тоа е безнадежна изгубена битка“, напиша Маск, додавајќи дека гласањето на анкетите ќе бара верификација од истата причина.

За потсетување, извршниот директор на Твитер во декември спроведе анкета во која ги праша корисниците дали треба да се повлече од директорското место на платформата, при што 57 отсто од корисниците што гласаа, гласаа за негово повлекување.

Шефот на Твитер смета дека овие промени на функцијата Твитер Блу значително ќе ги зголемат трошоците за користење на ботови и ќе го олесни нивното идентификување.

Твитер најави и дека од 1 април ќе ги укине сите сини беџови што корисниците ги добиле пред Маск да ја преземе компанијата и ги покани овие корисници и профили да се претплатат на Твитер Блу функцијата, јавува Си-ен-ен.

Би-би-си потсетува дека кога Илон Маск го презеде Твитер, тој со високи амбиции најавуваше враќање на „слободата на говорот“ и велеше дека сака платформата да има „максимална доверба“, а не да биде начин за да се заработат пари. Сепак, политиката на Твитер сега се чувствува дистанцирана од тие идеали.

Откако големите огласувачи престанаа да се рекламираат на социјалната мрежа по нејзиното преземање од страна на Маск, новиот извршен директор се сврте кон модел базиран на претплата.

Твитер сега вреди помалку од половина од она што Маск го плати за компанијата