Спасувачите во Флорида уште трагаат по 99 исчезнати во рушевините на станбената 12-катница

Скриншот од запис од надзорна камера во моментот на уривањето на 12-катната станбена зграда на север од Мајами

Спасувачките екипи во американската сојузна држава Флорида, уште трагаат по 99 лица што се водат како исчезнати по уривањето на 41 година старата станбена 12-катна зграда во гратче на север од Мајами, јави Би-би-си.

Засега е потврден еден загинат, 99 се водат како исчезнати а 102 се веќе идентификувани како преживеани. Причините за уривањето на зградата, која требало наскоро да биде прегледана од експерти и да помине техничка инспекција, засега се непознати. Претседателот на САД, Џо Бајден прогласи вонредна состојба во сојузната држава Флорида.

Ситуацијата на теренот е катаклизмична и интензивно се работи на растргнување на делови од зградата под кои се слуша тропање. Засега не е забележан случај да биде слушнат глас. Се користат и сонари и камери и кучиња-трагачи, а веќе се ископува и еден тунел од подземната гаража во близина. Многу повици на телефонските броеви на исчезнатите засега се без резултат.

Потрагата по евентуални преживеани ја попречува постојаниот дожд и невремето.

Голем дел од зградата „Чемплејн Тауерс“, која е на океанскиот брег, се урна вчера наутро во гратчето Сурфсајд. Според очевидците, уривањето звучело како грмотевици, а потоа се создал огромен облак прав, којшто, како што велат, наликувал на облакот од уривањето на Кулите-близначки во Њујорк по терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Според досегашните сознанија, зградата изградена во 1980 година, требало да ја помине техничката инспекција, но веќе било јасно дека имало потреба од одредени поправки, велат локалните власти.