fbpx

Спасовски денеска бил на работа, Ременски не се појавила

-

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска се појавил на своето работно место, додека министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, не дошла на работа.

Како што нè информираше Наталија Спирова-Кордиќ, началничка на одделението за односи со јавноста во МВР, Спасовски бил на работа и ги исполнувал своите работни обврски.

– Зошто да не дојде на работа? Сè додека не се донесе поинаква одлука, тој ќе доаѓа на своето работно мести – вели Кордиќ за „Мета“.

Од Mинистерството за труд и социјална политика, пак, неофицијално се дознава дека Ременски денеска не дошла на работа, но не се знае причината за тоа.

Во експозето и во предлогот на новиот премиер Емил Димитриев, за нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика се предложени Оливер Спасовски и Фросина Ременски. Тие не дојдоа на седницата и не ја потпишаа свечената изјава.

Решение за ваквата одлука се обиде да најде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски

– Тоа што на крајот треба да се напомене и да се знае, вечерва, доколку министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика не дојдат навреме или не ги потпишат заклетвите, кои се должни да ги потпишат како министри во Владата на Република Македонија, тогаш, почитуван колега, Димитриев, Вие од вечерва нема да бидете само премиер, туку ќе бидете и министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика сè додека во согласност со Уставот и со законите, како што треба, секој министер не даде и не потпише свечена заклетва дека ќе работи според Уставот и според законите на оваа држава – рече Милошоски на собраниската седница за избор на нова влада.

Сепак, законите за влада, за органите на државната управа и деловникот за работа на владата предвидуваат во отсуство на министрите, нив да ги заменуваат замениците-министри. Димитриев не може да ги заменува Спасовски и Ременски, затоа што тој во предлогот за владиниот кабинет точно навел имиња и презимиња на луѓе што ќе ги водат овие ресори.

Од СДСМ велат дека вечерва, на седница на централното раководство на партијата, ќе треба да се донесат одлуки околу понатамошните активности на опозицијата. Денеска ќе се одлучува за тоа дали опозицијата ќе ги повлече двајцата министри што ги има во владата во согласност со Договорот во Пржино, дали ќе остане во парламентот и дали има смисла понатаму да учествува на работната група што ја води европскиот посредник Питер Ванхауте.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да прејудицираат за тоа каква одлука ќе донесат телата на СДСМ.

– Не знаеме каква одлука ќе донесе СДСМ. Можеби ќе предложат нови кандидати за министри. Не знаеме што ќе се случува – вели Иво Котевски, директор на центарот на комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан...