fbpx

Состанок на ЦЕИ во Охрид: Земјите од Западен Балкан имаат заедничка иднина во европското семејство

-

Регионот на Западен Балкан го поврзуваат многу значајни заеднички работи од минатото, но она што е многу појзначајно е фактот дека имаме заедничка идинина во рамки на европското семејство – заклучија министрите за надворешни работи од регионот на денешниот состанок на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во Охрид.

Домаќинот на средбата, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, напомена дека ЦЕИ е токму онаа регионална организација која е најпрво формирана и се стреми кон интегрирање на сите земји од овој регион во рамки на ЕУ.

– Денеска разговаравме за нашата одлучност да градиме добрососедство и да ја зајакнеме регионалната соработка. Мисијата на ЦЕИ е во прв ред да се погрижи остатокот од балканските земји кои не се дел од ЕУ да станат нејзини членки и тоа да биде единствениот рецепт за постигнување стабилен, безбеден и просперитетен регион – изјави Попоски на прес-конференцијата.

Во вториот дел од состанокот, како што рече тој, се разговарало околу економијата, инвестициите, како и инфраструктурното поврзување во патна, железничка и во енергетска мрежа.

– Се согласивме дека овој тип соработка во рамки на ЦЕИ може да биде засилен и на локално ниво во однос на земјите кои се дел од Западниот Балкан и се стремат кон европско членство. Сакаме да истакнеме дека во оваа соработка меѓу триото кое претседаваше со ЦЕИ и до секретаријатот на ЦЕИ договоривме неколку проекти и декларации, а една од нив се однесуваше и на справувањето со миграциите што во овој период имаат особено значење за нашиот регион бидејќи сме соочени со трендови кои не биле видени во минатото и за кои одговорот на ЕУ мора да ги земе предвид и предизвиците со кои се соочуваме ние како регион – додаде министерот Попоски.

Генералниот секретар на австриското МНР, Мајклл Линхард, оцени дека Македонија имала успешно претседавање со ЦЕИ, работејќи на многу важни теми.

– Нашата главна тема беше синергија, а вашата е интерконективност. Синергијата и интерконективноста се многу блиски. Ова поврзување е прашање на кое многу може да помогне ЦЕИ, особено во контекст на ЕУ. Во врска со миграциите, мислам дека мораме тесно да соработуваме со земјите од Западен Балкан. Уште едно прашање кое ќе се разгледува во Виена е работата на младите и нивната миграција, односно иселувањето – вели Линхард.

Состанокот на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан заврши попладнево во Охрид, со усвојување на заедничко коминике во кое се наведени приоритетите на иницијативата во текот на наредниот период, а тоа се интеграција на сите земји од Западен Балкан во Европската унија и инфраструктурно поврзување што ќе биде и една од главните теми на претстојниот самит во Виена. Учествуваа министри за надворешни работи и нивни заменици од земјите-членки на Централно-европската иницијатива.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.