fbpx

Солунските хотелиери се надеваат на добра туристичка сезона

-

Солун се надева на добра туристичка сезона оваа година. Иако 2016 започна проблематично поради едномесечниот штрајк на земјоделците и собирањето на илјадници бегалци на Идомени, од градот кој е еден од омилените туристички дестинации на Македонциите, но и на Србите и другите балкански народи се надеваат дека работите да се нормализираат за да имаат позитивни резултати од годинешната туристичка сезона.

Аристотелис Томопулос, претседател на Солунската асоцијација на хотелиери во разговор со „МЕТА“ вели работите започнале загрижувачки, но оптимисти се да се подобрат во брзо време. Вели имале голема штета од штрајковите на земјоделците кои одвратиле голем дел од туристите од Балканот.

– Важна улога во тоа како се развива туризмот во Солун одигра бегалската криза, но и гласините кои се шират. Првите два месеци од годинава важно влијание имаа и штрајковите на земјоделците во Грција, поради кои често се затвораа улиците, што придонесе туристите од вашата земја, од Србија, од Бугарија и од Романија да се плашат да дојдат во Грција и во Солун, мислејќи дека ќе се соочат со затворени улици. Во јануари и февруари беше негативно и големо влијанието, особено во февруари – вели Томопулос за „МЕТА“.

Сепак, генералната туристичка соработка меѓу Македонија и Грција според него е на завидно ниво. Вели изминатите години во Солун се забележува значително зголемување на бројот на туристи од Македонија, независно дали е тоа на неколкудневен одмор или само на шопинг и кафе прошетка за викендите.

– Има важно зголемување на туристите и општо во Грција, но и во регионот на Солун и Северна Грција. Верувам дека и 2016 ова зголемување ќе продолжи. И Грци ја посетуваат вашата татковина  и граѓани од вашата земја доаѓаат во Грција, би рекол со зголемен ритам. Или на одмор или на прошетка и за забава во Солун – додава Томопулос.

Македонија според податоците на Солунскиот сојуз на хотелиери е во топ 20 земји на најчести посетители и најголем број ноќевања во 2015. Лани во солунските хотели имало 13.315 туристи од Македонија, што е за 7.41 отсто повеќе од 2014 кога во хотелите официјално имало 12.395 македонски посетители. Лани во Солун имало над два милиони преноќевања во хотелите.

Томопулос објаснува дека анализите на туристите од Македонија покажуваат дека нашите гости во Солун најчесто доаѓаат индивидуално, не толку преку организирани туристички тури за престој во градот. Најголемиот процент на посетители се оценува дека се од Скопје, а посетителите најчесто сами наоѓаат хотели за преспивање, иако солунските хотелиери според Томопулос имаат добра соработка со различни и многубројни македонски туристички агенции.

Зголемените проценти на македонски туристи лесно се воочуваат со една прошетка по бутиците на шопинг-улицата Цимиски, покрај солунското шеталиште или пак во трговскиот центар Космос. Каде и да се завртите во петок или сабота ќе слушнете македонски еднакво често колку што ќе слушнете и грчки.

Што се однесува до тоа какви цени ќе ги очекуваат туристите годинава, Томопулос вели дека е можно минимално поскапување поради зголемената ДДВ-стапка за угостителите и хотелиерите со која поскапеа даноците за ноќевање , храна и угостителски услуги во хотелите, на островите и туристичките места.

– Цените годинава би рекол главно ќе се како лани, со многу мало, минимално поскапување поради поскапеното ддв на угостителските услуги. Лани цените не поскапеа, угостителите ги преземаа сите трошоци, меѓутоа оваа година очекуваме мали промени на цените – додава Томопулос.

Тој, заедно со група други големи солунски хотелиери месецов обезбедија бесплатен престој за 100 македонски студенти и професори кои беа во тридневна посета на Солун.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЈСП: Утре ќе сообраќаат автобусите по неделен возен ред, а жичницата нема да работи

Утре, за време на двојните претседателски и парламентарни избори, автобусите на ЈСП ќе сообраќаат по неделен возен ред. Жичницата до врвот на Водно нема да работи. Дежурни ќе бидат билетарниците на...