Македонските општини многу малку ја користат соларната енергија како извор за јавно осветлување. Енергетската криза и зголемените цени на електричната енергија ги вивнаа во облаци сметките за струја на локалните самоуправи за уличните светилки. Јавното осветлување од неопходност се претвори во луксуз, а општините ги истенчија и онака ситните буџети. Сепак, и во вакви услови, користењето на сонцето како извор на енергија за уличните светилки не се практикува. Причината е едноставна, иако енергијата од сонцето е бесплатна и неограничена, инвестициите во системите, светилките и батериите, а и во нивното одржување, им се преголеми.
Искористувањето на соларната енергија за јавно осветлување одамна е практика во многу градови кои имаат многу помалку сончеви денови од нас. Примери има и во регионот, како што се соларните дрва на Сараево и соларните столбови на Белград. Кај нас, пак, енегретски- ефикасното размислување на општините кога треба да имплементираат ваков тип проекти многу повеќе се фокусира кон обезбедување на фотонапонски панели за училиштата и градинките како и за другите јавни објекти, отколку за уличните светилки, од причина што овие инвестиции многу побрзо даваат конкретни резултати, за разлика од јавното осветлување. За уличните светилки, пак, изминативе години најголемите инвестиции беа направени во замена на старите со штедливи ЛЕД сијалици.
Од Заедница на единиците на локалната самоуправа -ЗЕЛС велат дека сите општини сакаат еколошки решенија, но соочени со реалната состојба во која се наоѓаат, многу од нив им се недостапни.
„Да биле овие инвестиции едноставни и достапни за општините сигурно сите веќе би ги имале и со тоа би надминале многу проблеми со кои се соочуваат сега. Има општини кои прават сериозни обиди за внесување на обновливите извори на енергија, а најнов позитивен пример е Радовиш. Општината основаше фирма и започна проект за поставување на фотоволтаици, а произведената струја ќе ја користат заедно со општините Василево и Конче за подмирување на потребите на јавните објекти и на уличното осветлување“, вели Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС.
Сепак, посочува таа, реалноста е дека училиштата и градинките, со новата тарифа на пресметка на електричната енергија се третираат како мали бизниси, а при промена на тарифникот РКЕ ги испушти јавното осветлување и со тоа општините добија сметки многу повисоки од сумата што ја собираат од таксата. ЗЕЛС постојано ја актуелизира оваа тема, а предлогот е РКЕ да утврди цена на јавно осветлување, или општините и во овој поглед да влезат во мали бизниси и да ја плаќаат просечната цена од високата и ниската тарифа.
„Општините изнајдоа начин да плаќаат помали сметки со формирање на јавни претпријатија за улично осветлување кои ги исполнуваат условите да влезат во посакуваната тарифа за мали бизниси, но Владата не излезе во пресрет на оваа идеја“, вели Перишиќ.
Панче Атанасовски, експерт за енергетска ефикасност од Здржението „Екоинклузивност“ вели дека има повеќе општини кои веќе имаат реализирано вакви проекти, но причината што тоа не се прави помасовно, лежи во висината на инвестициите.
„Поставување на систем на соларни светилки е многу поскап од постоечкиот на електрична енергија. Особено е скапо одржувањето, кое подразбира замена на електронски делови на две до три години, светилки на четири до пет години и батерии на осум до десет години. Тоа во услови на ниски цени на електрична енергија беше целосно неодржливо. Сепак, веќе е јасно дека струјата никогаш повеќе нема да биде евтина, што значи дека е време општините повторно да направат пресметки и да проценат дали овие инвестиции се прифатливи. Не само од енергетски, туку и од еколошки аспект, ќе биде добро ако се најде модел општините потребите за јавно осветлување да ги задоволат од обновливи извори“, вели Атанасовски.
Во услови додека не се направат посериозни инвестиции во алтернативни извори, тој вели дека не треба да се отфрла идејата на општините за формирање на јавни комунални претпријатија за јавно осветлување. Едно од решенијата е да произведуваат електрична енергија од обновливи извори и да ја предаваат во системот, а потоа од друг снабдувач да добијат струја за улично осветлување во ноќниот термин. Економски оправдани се и случаите општините да си отворат фирма и да изградат фотонапонска централа во своја сопственост надградена со батериски систем и целата линија на улично осветлување да ја поврзат во овој систем и на тој начин да добијат осветлување снабдено од обновлива енергија.