Ученици и наставници во Шуто Оризари учеа за климатските промени и заштита на животната средина

Целта е да се зголеми достапноста на податоци и факти за поврзаноста на климатските промени, здравата околина и свеста и мобилизираноста на учениците и наставниците за спроведување на практични мерки поврзани со климатските промени

фото: Ромаверзитас

Најмалку 150 ученици Роми од основните и средното училиште во Шуто Оризари учествуваа во работилници за подобрување на нивното здравје, за климатските промени и за заштита на животната средина. Работилниците за подигнување на јавната свест и за подобрување на капацитетите, знаењето и вештините на учениците за поврзаноста на климатските промени, здравата околина за живеење и подобрување на здравјето се реализираа во средното училиште „Шаип Јусуф“ и во основните „Браќа Рамиз и Хамид“ и „26-ти Јули“.

На овој начин, велат од Здружението на граѓани „Ромаверзитас“, со проектот „За поздрав и поурбан живот на Ромите“ се зголемува достапноста на податоци и факти за поврзаноста на климатските промени, здравата околина и свеста и мобилизираноста на учениците и наставниците за спроведување на практични мерки поврзани со климатските промени.

Исто така, лицата кои имаат успешна животна приказна со собирање и селектирање отпад, ја споделуваа својата сторија со жителите на Ќерамидница, Шуто Оризари, Кванташки пазар, Злокуќани, Топанско Поле и Ѓорче Петров.

„Со оваа активност ги информираме маргинализираните лица и лицата во ризик за можностите за ефектуирање и регулирање на нивните нерегистрирани и нерегулирани работни активности, односно отворање зелени работни места, зголемување на свеста и значењето од нивниот ангажман и придонес кон општеството, свесноста за заштита на животната средина, зголемување на нискојаглеродните економии и зелената трансформација и зголемување на капацитетите, знаењето и вештините на овие лица“, вели Кристијан Ангелков од „Ромаверзитас“.

Една од активностите во проектот е и изготвување детална анализа на училиште за поголема застапеност на обновливи извори на енергија, преку скенирање и анализа на потрошувачката на електрична енергија на училиштето, анализа за можноста за поставување фотонапонска електроцентрала поставена на објект (кров) за задоволување на сопствените потреби.

„Од направената симулација се предвидува дека 50% од произведената електрична енергија во рамки на годината се користат директно во училиштето, со што се остваруваат директни заштеди на електрична енергија, додека останатите 50% од произведената електрична енергија се предаваат во мрежа на снабдувачот. На овој начин севкупните заштеди на електрична енергија доведуваат до речиси 80% намалување на трошоците за електрична енергија на училиштето. Освен заштедата на енергија и економските придобивки, со поставување на фотонапонски систем на кровот на училиштето имаме и еколошки придобивки, односно заштита на животната средина преку искористување на зелена енергија и намалување на CO2 емисија во воздухот“, вели Филип Лаовски, експерт за анализа на училишта за енергетска ефикасност.

За информирање на пошироката ромска заедница, во рамки на овој проект, се издава и онлајн весник „Еко Рома Индекс“, каде содржини подготвуваат студенти и успешни Роми.

Сабина Мустафа, една од новинарите во онлајн весникот наведува дека целта е да се оствари интелектуално наследство и да се иницира дигитална писменост за сите вклучени на интернет да можат да бидат во предност добивајќи сублимирани, релевантни и вистинити факти, непристрасни и објективни информации за актуелни теми кои се случуваат сега, а не се опфатени во медиумскиот простор. Со оглед на тоа дека маргинализираните групи се подложни на дискриминација, стереотипи, говор на омраза и исклученост на медиумите, најдобар начин за справување со овие појави е да се овозможи вистинита информација.