fbpx

Со ваков економски раст ќе ни требаат 40 години да го достигнеме просекот на ЕУ во личниот доход

„Нашиот доход е сè уште само 40 отсто од просекот на ЕУ“, рече гувернерката Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Геополитика, креирање политики и финансии“ во рамките на СЕФФ

-

Ако останеме на историската брзина на економски раст, ќе ни требаат околу 40 години за да се приближиме до просекот на ЕУ во однос на личниот доход, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата „Геополитика, креирање политики и финансии“ во рамките на платформата за дискусија на јавни политики – Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), којашто се одржа под мотото „Европа – ДА, Европа – СЕГА”.

„Конвергенцијата на доходот во регионот и во нашиот случај во последните две децении во просек се зголеми за близу 20 процентни поени од БДП, или речиси двојно. Сепак, јазот во доходот е сè уште голем – нашиот доход е сè уште само 40 отсто од просекот на ЕУ“, вели Ангеловска-Бежоска.

Оттука, гувернерката смета дека се потребни зајакнати структурни реформи во трите клучни сегменти за забрзан раст – продуктивноста, инвестициите/иновациите и образованието/работната сила.

Но, додава таа, потребни се и политики кои ќе овозможат соодветно справување со растечките геополитички ризици, пред сè искористување на придобивките кои ги нудат новите трендови кај европските синџири на производство.

Сепак, како што вели гувернерката, трговската интеграција на нашата економија со ЕУ достигна 158 отсто од бруто домашниот производ, што е највисоко во Западниот Балкан и петто најголемо во регионот на Централна источна и југоисточна Европа.

Притоа, според неа, многу се значајни ризиците за домашната економија кои произлегуваат од засилената гео-економска фрагментација во последните неколку години.

Во панел-дискусијата, гувернерката посочи дека на регионот му е потребна натамошна интеграција со ЕУ и во глобални рамки, заради натамошно забрзување на процесот на економска конвергенција.

“Сепак, во овој процес, беше истакнато, нагласени се ризиците од засилените гео-политички случувања потенцирани во последните две години“, вели Бежоска.

Според последниот Извештај на Светскиот економски форум, гео-економскиот ризик е еден од трите најзначајни глобални ризици заедно со зголемените трошоците на животот и климатските ризици, како на среден, така и на долгорочен план.

Ова не треба да изненадува бидејќи една од главните закани од геополитичките тензии е пресвртот во глобализацијата, а веќе е видлив растечки број на наметнати трговски и други ограничувања.

Скопскиот економски и финансиски форум е основан од страна на Министерството за финансии и е годишна конференција којашто се одржува последователно по трет пат.

Овогодишната конференција ја отворија претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерот за финансии, Фатмир Бесими и еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан. На Конференцијата присуствуваа претставници на меѓународни финансиски организации, претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, како и претставници од бизнис-секторот и академската фела.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...