Со строги протоколи започна учебната година во услови на пандемија (галерија)

Првиот училишен час во ОУ Јан Амос Коменски во Скопје се одржа на отворено | Фото: Арбнора Мемети

Со заштитни маски на лицето, држење дистанца, дезинфекција на рацете и мерење температура на учениците, започна учебната година во училиштата каде е дозволена настава со физичко присуство. Од денес, наставата за децата од прво до трето одделение ќе се одвива во училиштата под строги протоколи, а за останатите преку онлајн платформата schools.mk.

„Атмосферата во училиштето е мирна и тивка, буквално како да нема ученици, иако во училиштето се присустни околу 230 ученици од прво до трето одделение. Нормално е и природно да се слуша детскиот џагор, смеа, па и по некоја плачка, но сега учениците не изглегуваат надвор и внимаваат на протоколите“ истакнува за Мета.мк, Светлана Масларевска, директорка на основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје.

Како што додава таа првиот училишен ден се одвивал под протоколите, многу поразлично од претходните години.

„Голема пофалба и за родители и самите ученици кои дојдоа подготвени и беа дисциплинирани во текот на првиот училиштен ден. Иако за нив, ова не беше нешто ново бидејќи на 25 септември имавме генерална проба каде што на учениците им се објаснуваа протоколите, сепак тие денеска беа возбудени. Позитивно сме изненадени од однесувањето на децата. Се гледа дека родителите работеле и зборувале претходно дома со нив за тоа како треба да се однесуваат во училиште. Тоа е огромна заслуга и на родителите. Мислам дека денешниот прв час треба да биде пример за нас возрасните како треба да се однесуваме во ситуација на пандемија“ додава Масларевска.

Во средното стручно училиште „Михајло Пупин“ во Скопје пак, денеска се одржаа по два класни часа преку алатката на Мајкрософт тимс и како што посочува директорот Димитар Ѓорѓиев, досега немале никакви проблеми. Тој вели дека за реализација на наставата ќе зависи и од интернет операторите што ги користат семејствата во домашните услови.

„Можам да кажам дека задоволува почетокот на учебната година. Наставата се одвива онлајн, со исклучок во трета и четврта година по предметите Практична настава и Учење кај работотдавец. Таму е потребно физичко присуство, односно учениците одат во посета на компании. Но поради актуелната состојба, ние разговаравме и со министерството за образование и наука, се разгледуваат опции како да се реализираат тие предмети, дали претставници од компаниите ќе доаѓаат кај нас, во нашите лаборатории или во помалку групи учениците ќе одат таму“, појаснува Ѓорѓиев.

Како што истакна тој, средното училиште е целосно подготвено со 35 кабинети со комплетна опрема за секој професор. Се почитуваат протоколите, нема собири, и воедно се запазува процесот на нивно излегување и влегување од прва и втора смена.

Денеска свое обраќање имаа и министерката за образование и наука Мила Царовска и премиерот Зоран Заев, кои беа во посета во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Скопје. Како што напомена министерката, ова е предизвик за целото општество, па затоа и не треба да се заборави дека за овие четири недели е направена брза промена на образовниот систем со која се покажало дека можат да се организираат и обуки, но и да се истакне подготвеноста на сите вклучени во процесот.

„Чекор по чекор, на крајот ќе стигнеме до дигитализирано образование. Да не заборавиме дека за само еден месец направивме децениски скок како систем за образование. Имаме една платформа, имаме обучен наставен кадар којшто знае како да се справи со ова и имаме прилагодување на учениците коишто од она што можев да го видам, навистина се заинтересирани за онлајн наставата. Секако дека наставата со физичко присуство носи подобар квалитет, но тука сме затоа што сакаме туку затоа што мораме и сите заедно можеме да придонесеме за успешна реализација“, изјави Царовска при посетата на училиштето.

По повод првиот училишен ден, со видео порака, се обрати и министерот за здравство Венко Филипче, кој побара разбирање за одлуките кои ги носат здравствените власти, со цел зачувување на јавното здравје и обезбедување на безбеден образовен процес.

„Знам дека многумина сакаат и бараат учењето да се одвива поинаку и искрено сите ги разбирам. Но, како здравствен работник и прв одговорен во битката со пандемијата, барам разбирање и поддршка за сите здравствени одлуки кои ги донесовме во однос на образовниот процес. Секоја одлука која ја донесовме е донесена со цел да се обезбеди добар, но и безбеден образовен процес. И ова е единствениот исправен пристап во услови кога нема идеално решение“, потенцира министерот Филипче.

Изутринава од Министерството за образование и наука информираа дека во 600 училишта во државата се одржува настава со физичко присуство, a за останатите е достапно учење на далечина, преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на националната телевизија. Оттаму велат дека се во постојана комуникација со тимот од ФИНКИ и Бирото за развој на образованието којшто работи на платформата, и како што додаваат тие, нема посериозни пречки за одржување на онлајн наставата.

Вчера Сојузот на средношколци побара учениците да се вратат во училиштата ако за еден месец се подобри ситуацијата со корона вирусот.