Царовска: Ќе има предизвици со платформата, волку гломазен систем првпат се прави во државата

Мила Царовска, министерка за образование и наука | Фото: Мета.мк

Нема да биде лесно, системот ќе паѓа, ќе има предизвици во од, но сè што правиме сега ќе ни служи во 2021, 2022 година, рече министерката за образование и наука Мила Царовска одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на ОУ Дане Крапчев во општина Гази Баба.

„Волку гломазен систем прв пат се прави во државата, ниту еден друг систем не е ваков и затоа ќе има предизвици во од, но ќе се решаваат и ќе се бараат паралелни решенија“, рече Царовска додавајќи дека „осовременување и дигитализацијата на образовниот процес сега стартува малку побрзо поради пандемијата, но сепак стартува“.

Таа посочи дека постојат и инструкции за приклучување од другиот дел на платформата, наставниците се вклучени и се креираат предметните часови по групи.

По реакциите во јавноста дека не функционира Националната платформа, од Министерството за образование и наука, посочија дека е возможно повремено да се добива порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање.

„Само во текот на вчерашниот ден, на Платформата беа најавени над 88 000 активни корисници. Истите придонесоа за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од оптоварување на Платформата во оваа фаза на нејзина имплементација. Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на Сервери: Серверите за базите со податоци (database servers); Серверите за балансирање на оптоварување (load balancer), и Серверите за опслужување на корисниците (web servers)“, информираа од МОН.

Оттаму најавија дека процесот на тестирање на платформата за далечинско учење ќе продолжи интензивно да се одвива и во наредните денови.

Мета.мк ги анализираше препорачаните минимални спецификации за уредите кои ќе ги користат децата за наставата на далечина и заклучокот е дека Националната платформа за образование на далечина (schools.mk) може да работи на скоро сите компјутери, лаптопи, мобилни уреди и таблети купени во последните три години.