Ако се подобри ситуацијата со ковид-19, Сојузот на средношколци бара во ноември учениците да се вратат во училиштата

Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци на протестот што го организираа во август 2020 година / Фото: Арбнора Мемети

Од утре ќе започнеме со онлајн настава и ќе ја следиме епидемиолошката состојба во државата, ако е стабилна, тогаш од 1 ноември ќе бараме постепено да се вратиме во училиштата со комбиниран пристап, во спротивно ќе ја бојкотираме онлајн наставата, изјави Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци, на денешното свое излагање пред Министерството за образование и наука, непосредно пред почетокот на учебната година.

Како што истакна тој, постојат многу опции за комбиниран пристап. „Може да се разгледаат опциите една група да оди со физичко присуство, другата да следи од дома или пак учениците да се менуваат на неколку дена“, додаде тој.

Во својата изјава Ходаи рече дека надлежните направиле напори за подобрување на процесот на образованието во услови на пандемија, но дека тоа не е доволно. Напомена дека голем дел од нивните барања биле прифатени, како тоа учебната година да започне од 1 октомври, практичната настава да се одвива со физичко присуство, да има децентрализиран пристап на одлуки кај училиштата и општините, во средните музички училишта да се избегнуваат часовите со хор, како и за тоа интернатите да отворат со половина капацитет.

Во врска со националната платформа за онлајн учење, Хондаи кусо истакна дека средношколците ќе почекаат до утрешниот прв час, а потоа, во случај повторно да не функционира платформата, ќе побараат одговорност од МОН и работната група која ја изработувала платформата.

Инаку, министерката за образование и наука, Мила Царовска вчера изјави дека во тек е тестирањето на платформата, поради кое е возможно повремено да се добива порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање.

Мета.мк претходно ги анализираше препорачаните минимални спецификации за уредите кои ќе ги користат децата за наставата на далечина и заклучокот е дека Националната платформа за образование на далечина (schools.mk) може да работи на скоро сите компјутери, лаптопи, мобилни уреди и таблети купени во последните три години.