Српската опозиција размислува да ги врати освоените мандати на изборите

Стручната јавност објаснува дека последица од одлуката за одбивање на мандатите би била владејачката партија СНС на Александар Вучиќ и коалиционите партнери да ги добие испразнетите опозициски места во српскиот парламент и градското собрание

Српското собрание во Белград; Фото: Архива на Мета.мк

Претставниците на опозициската коалиција „Србија против насилството“ кои бараат поништување на изборите од 17 декември размислуваат да ги вратат освоените мандати во српскиот парламент и во белградското градско собрание, пишува весникот Данас.

Според српските закони, освоените мандати им се доделуваат по автоматизам на кандидатите по одржувањето на изборите, а нивна е одлуката дали ќе ги прифатат или не. Дел од опозицијата смета дека освоените мандатите, не треба воопшто да ги прифатат резултатите од изборите поради изборната измама.

Сепак, стручната јавност објаснува дека последица од одлуката за одбивање на мандатите би била владејачката партија СНС на Александар Вучиќ и коалиционите партнери да ги добие испразнетите опозициски места во српскиот парламент и градското собрание. Според законот во Србија, испразнетото собраниско или советничко место се пополнува на начин што мандатот му се доделува на првиот кандидат од друга изборна листа која има следен најголем износ на гласови за кој не освоила мандат на изборите. Ова значи дека СНС ќе се стекне со сите мандати кои ги освоила коалицијата „Србија против насилството“.

Инаку, опозициската пратеничка од Зелено-левиот фронт, Јелена Јериниќ за телевизијата Н1 изјави дека протестите пред седиштето на Републичката изборна комисија во Белград ќе продолжат и за време на празниците.

Јериниќ најави дека следните чекори што ќе ги преземе српската опозиција ќе бидат најавени на протестот на иницијативата „ПроГлас“ што ќе се одржи во сабота, 30 декември во центарот на Белград.

„Верувам дека постои волја на луѓето да се борат и понатаму, без разлика на тоа што доаѓаат празници“, изјави она.

Јериниќ ги повика граѓаните да дојдат на утрешниот протест, како и да се придружат на денешната студентска блокада на Министерството за државна управа и локална самоуправа, која почнува на пладне и ќе трае 24 часа.