42-то издание на фестивалот „Скопско лето“ свечено ќе се отвори утре, со почеток од 21 часот, со изведбата на „Од оркестарот за публиката“ – опера без зборови во Националната опера и балет (НОБ).

Концертот на кој ќе учествува оркестарот на НОБ е под диригентската палка на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ. Режисер е Дејан Прошев. Ќе се изведуваат дела од Маскањи, Мусоргски, Пучини, Чајковски, Гуно, Леонкавало, Белини, Верди. Настанот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани и во продажба ќе бидат пуштени ограничен број на влезници.

Овогодинешното издание на Скопско лето ќе опфати настани на кои ќе учествуваат квалитетни и талентирани автори од земјава, како и гости од Србија, Хрватска, Црна Гора, Австрија, Германија и Канада.

Меѓу бројните музички настани што ќе се одржат во текот на јуни и јули, во Скопје ќе гостува, а Скопјани ќе можат да уживаат и во џез-ритмите „Мelody in Rhymes” на Васил Хаџиманов трио. Ансамблот „Танец ќе има свој настап со вокално-инструменталниот концерт „Мелем песна”, а предвиден е настап на етно-составот „Монистра“ и мноштво други музички настапи.

Во делот на изложбите, публиката ќе може да ја посети јубилејната изложба „110 години од раѓање на Димче Коцо“ на Националната галерија, фотоизложбата на театарски маски „Провокативни лица” на Филип Цветковиќ од Србија, изложбата „По патот на нивната младост“ по повод 80 години од Народното востание (73 години од Основачкиот конгрес на СБМ од НОАВМ 1941-1945), потоа „Напречно црвено низ празното” на Марина Цветановска-Мартиновска, изложбата фотографии „Портрети на уметници” на Сашо Алушевски.

Во рамките на овогодинешното Скопско лето, љубителите на театарска уметност ќе можат да ги проследат театарските претстави „Отело” во режија на Нина Николиќ, „Само глас” во режија на Марјан Неќак, „Смртта на Дантон” на Андреј Цветановски, монодрамата „Кармен“ во изведба на Биљана Драгиќевиќ-Пројковскa во режија на Дејан Пројковски.

Во Кинотека ќе се одржи и кафе-киното, кое ќе започне на 9 јули со српската комедија „Викенд со тато“. Затворањето на фестивалот ќе се одржи на 30 јули на Факултетот за ликовни уметност во Сули-ан со концертот „Вода“, на којшто ќе настапат Давор Јордановски на клавијатури, Александар Секуловски на тапани, Оливер Спасовски на бас, Александар Јовевски на кавал и тамбура, Борче Кузмановски на клавијатури, Сања Шуплевска на виолина, Маја Кастратовиќ на пијано и Орце Ицковски на фагот.