fbpx

Случај „Ласкарци“: Вештаците движењето на автобусот од 19,5 тони го тестирале со „Шкода рапид“ од 1,6 тони

Вештакот Апостолов продолжи да настојува на констатациите кои тој и тимот ги напишале во суперекспертизата, а тоа е дека возачот имал можност да закочи, но не реагирал, ниту со долните сопирачки, ниту со рачните

-

Во Кривичниот суд Скопје денеска продолжи судењето за автобуската несреќа на „Дурмо турс“ која се случи во Ласкарци во февруари 2019 година и во која животот го загубија 16 лица, а 37 други беа повредени. Обвинителот Дарко Јакимовски продолжи со поставување на прашања за вештакот Лупчо Апостолов, кој заедно со Невзат Зекир и Јакуб Мамути го подготвија сообраќајното супервештачење, пренесува Порталб.мк.

Вештакот Апостолов продолжи да настојува на констатациите кои тој и тимот ги напишале во суперекспертизата, а тоа е дека возачот имал можност да закочи, но не реагирал, ниту со долните сопирачки, ниту со рачните.

„Што се однесува до реакцијата на возачот за сопирање, рековме дека возачот не реагирал. Сопирањето не може да се постигне само со нозете, туку и со рацете и со вртење на воланот надесно. За сопирање се потребни 0,5 секунди, а од првиот знак на патеката па сè до првиот удар на штитникот поминале 1,6 секунди, што покажува дека возачот имал доволно време да реагира“, рече Апостолов.

Вештакот инсистира дека возачот возел право, без да го сврти воланот надесно, иако патот е благо закривен.

„Во моментот кога почнал да се движи право, а траекторијата на патот оди десно, од тој момент почнува опасноста. Возачот во тој момент можел да реагира вртејќи го воланот надесно“, додаде Апостолов.

Иако обвинителот инсистираше на тоа дека на местото на настанот се пронајдени траги од кои се гледа дека автобусот закочил, Апостолов продолжи со своето инсистирање дека трагата не е од кочењето, туку од движењето на автобусот.

На денешното рочиште Апостолов рече дека при подготовката на вештачењето, неговата екипа излегла на местото на настанот и со возило „шкода рапид“ го тестирала движењето што го направил автобусот. Тестирањето, како што рече Апостолов, е направено без полициска асистенција за блокирање на сообраќајот, односно при слободно движење во сообраќајот.

„Во еден автомобил бевме четири лица, а една колешка од задното седиште го снимаше движењето со својот телефон. И врз основа на сателитските снимки [од Google Earth], видео снимката од автомобилот и тестовите, нашиот заклучок е дека автобусот се движел по права линија“, рече Апостолов.

Меѓутоа, обвинителот Дарко Јакимовски рече дека не може да се прават тестови со возило кое тежи само 1,5 тони, за да се симулира движењето на автобус кој тежи 19,5 тони.

„Што се однесува до реакцијата на возачот, дали таа е иста како при возењето на „Шкода Рапид“ со реакцијата при возење на автобусот од 19,5 тони?“, е прашањето со кое му се обрати обвинителот на вештакот.

„Да, иста е, само соодносот на должината на автобусот е 1 спрема 3“, рече Апостолов.

„Не е исто, затоа што автобусот тежел 19,5 тони“, одговори обвинителот, по што Апостолов додаде дека „не треба да се гледа од тој аспект“.

Поставувајќи прашања на оваа тема, обвинителот на вештакот му рече дека вештачењето не го засновале на наука и калкулации, туку на аматерски снимки од камерата на телефонот, на што реагираа адвокатите на „Дурмо Турс“, кои побараа од него да не дава такви констатации.

Во продолжение Јакимовски го праша Апостолов дали при подготовката на вештачењето ги земале предвид исказите на сведоците кои биле во автобусот и возачите кои се движеле зад автобусот.

„При анализата го разгледавме целиот материјал за сведоците во автобусот и возачите кои се движеле позади автобусот. Но, ние повеќе им веруваме на материјалните докази отколку на сведоштвата“, рече Апостолов, повикувајќи се на делови од некои од сведоштвата, кои, според него, не биле конзистентни.

На претходните рочишта адвокатите на членовите на компанијата „Дурмо турс“, со машинската и сообраќајната суперекспертиза, вината ја префрлуваат само на возачот на автобусот, избегнувајќи ја одговорноста за техничката исправност на автобусот. Од друга страна, адвокатот на возачот на автобусот тврди дека возачот не е виновен, туку компанијата, бидејќи автобусот не бил во исправна техничка состојба.

Според двете вештачења, автобусот имал технички неисправности, но истите не биле причина за несреќата. Според нив, возачот иако имал можност, не презел соодветни дејствија за да го запре автобусот, односно не закочил.

Обвинителот го оспорува супервештачењето, исто како и блиските на жртвите.

Автобуската несреќа се случи на 13.02.2019 година, кога автобусот на „Дурмо турс“, кој се движел на редовната релација Скопје-Гостивар, излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Животот го загубија 16 патници, а 37 беа повредени. Во овој судски процес обвинети се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за превоз во компанијата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите се обвинети за тешки кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека пак последните тројца се обвинети за соработка во истото кривично дело.

„Дурмо турс“ продолжува со работа и ден денес превезува патници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...