Словенија ќе дозволи влез на лица кои се вакцинирани со „Спутник V“ и „Џонсон и Џонсон“, под услов да поминале најмалку 21 ден од првата доза, објави новинската агенција СТА.
Претходно, влез без карантин или бесплатен ПЦР-тест важеше за луѓето кои се вакцинирани со „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ или „АстраЗенека“.
На владината седница е одлучено, исто така, времето на транзит низ Словенија да се зголеми од шест на 12 часа, а на листата се додадени и работи поради кои луѓето можат да влезат итно во државата без карантин или бесплатно да се тестираат на граница.
Измени во однос на тестирањето има и кај учениците над 15-годишна возраст, кои секој ден ја минуваат границата. Имено, лицата кои ги носат на училиште веќе нема да мораат да се тестираат на неделно ниво, доколку веднаш се вратат во Словенија откако ќе ги остават учениците во соседната земја.
Во Словенија, без карантин или со негативен ПЦР тест во претходните 72 часа можат да влезат лица од Европската унија, доколку работат како чувари или домашни помошници на луѓе кои имаат потреба од помош, или работат на одржување на приватен имот кој го поседуваат, изнајмуваат или користат.