Фото: DDP on Unsplash

Стопанската комора на Северна Македонија (СКМ) почнува со организирање на брзи обуки за слаткари, готвачи, пекари и келнери, во рамки на проектот „Образование за вработување“. Обуките се за преквалификација или доквалификација, ќе вклучуваат 50 до 100 лица (една обука), а целта е да им се помогне на заинтересираните угостителско туристички претпријатија од земјава да го задржат бројот на вработени, како и да  обезбедат дополнителни кадри, пред почетокот на туристичката сезона. Бидејќи од стартот на ковид кризата, како и во првите месеци од годинава, угостителско туристичкиот сектор изгуби од 50 до 80 проценти од бројот на вработените, најмногу од хотелските објекти во градските средини. Поради неработење на капацитетите, вработените заминаа во други сектори, а посебно во градовите, каде хотелскиот туризам беше речиси целосно замрен, покажале анкетите на СКМ. Според нив, од почетокот на ковид пандемијата, угостителско туристичкиот сектор го напуштиле меѓу 4.000 и 20.000 вработени.

Ова беше истакнато на прес конференцијата во СКМ: „Брза преквалификација за обезбедување кадар во угостителскиот сектор во пост ковид периодот”.

Во фокусот на обукит  што ќе ги спроведува СКМ ќе биде практичната настава која ќе се одвива во самите угостителски објекти и од страна на  обучени лица. Целта е да се ублажи одливот на работната сила присутен во изминатиот период.

„Голем број од вработените во угостителско туристичкиот сектор во текот на изминатата година преминаа во други дејности, пред сѐ во транспортот и градежништвото, затоа што што не работеа околу 85 отсто од објектите, поради  ковид мерките. Компаниите се соочија со одлив на над 50 отсто од стручниот кадар, а најмногу на рецепционери, готвачи и келнери. Владината поддршка и правото на поддршка на платите не можеа да го обезбедат сите субјекти од овој сектор, а мерките од 5. пакет сѐ уште не се реализирани. За враќање на поранешните позиции, и за обновување на бројот на вработените со нов кадар, ќе бидат потребни околу 3 години“, изјави Ана Таневска Ѓеорѓиевска, претседателка на Здружението за угостителство и туризам, при СКМ.

Наташа Јаневска, координатор на проектот „Образование за вработување“, посочи дека обуките за преквалификација ќе содржат теоретска и практична настава и дека засега се интерес најмногу покажале хотелите. Таа ги повика и другите претпријатија од овој сетор, да покажат интерес, да се вклучат во програмата и да ја искористат можноста заради ублажување на одливот на работна сила во секторот.