Полицајци, обвинители и инспектори се обучија како да истражуваат случаи со отруени диви животни

Отровните мамки се меѓу главните причини за неприродна смрт на многу загрозени видови, бидејќи тие претставуваат неселективно средство за убивање животни, особено на месојадни и мршојадни видови

Фото: МЕД

Македонското еколошко друштво организираше две обуки за 80 претставници на државни институции кои во иднина ќе треба да водат истраги при случаи на труење на диви животни. На обуката учествуваа полициски службеници, локални државни инспектори за животна средина, државни инспектори за ловство, локални официјални ветеринари и претставници од Агенција за храна и ветеринарство, ловочувари и претставници од локални ловечки друштва, претставници од невладиниот сектор како и јавни обвинители.

„Кога станува збор за еколошки прекршоци или кривични дела, неопходен е мултидисциплинарен пристап. Ефикасната координација меѓу институциите, јасната процедура при инциденти со диви видови, зајакнати капацитети како и подигнување на јавната свест се клучни во намалување на криминални дела против дивиот свет“, смета Арта Старова, проектен координатор во Македонско еколошко друштво.

Во рамки на проектот BalkanDetox LIFE, МЕД заедно со надлежните институции работи и на создавање стандардна оперативна процедура за постапување при случаи со труење на диви животни. Од таму велат дека овој документ ќе ја одпредели шемата на надлежности и ќе ја подобри државната координација за успешно постапување, а тоа ќе резултира со зајакнато познавање кај надлежните државни институции што треба да се презема при увид на местото на настанот или да се спроведе за успешна предистражна и истражна постапка.

Предавачите на обуката презентираа детали за спроведување на инспекциски надзор при случај со труење на диви животни, криминалистичката истрага при вакви инциденти, правилен начин на прибирање на траги на местото на настанот, знаци на труење кај дивите животни како и употребата на форензичка ентомологија како метод за утврдување на датумот на смртта.

„Особено се важни практичните вежби и сценариото за форензичко постапување на местото на настанот при труење на диви птици и дискусија на сите учесници“, вели професорката Марина Малиш- Саздовска од Факултетот за безбедност-УКЛО.

Посочува дека отровните мамки се меѓу главните причини за неприродна смрт на многу загрозени видови, бидејќи тие претставуваат неселективно средство за убивање животни, особено на месојадни и мршојадни видови. Труењето се смета за најголема закана за мршојадците на Балканот и тоа придонело за регионално истребување или сериозно опаѓање на бројот на видови во регионот.

Денес оваа пракса е незаконска во Европа, вклучително и на Балканот, но неа сè уште се применува како брзо и евтино „решение“ за справување при конфликти со предатори и други диви животни.