Скејт паркот во Кавадарци, атракција за најмладите и за туристите

Во Кавадарци се изгради скејт парк за екстремни спортови со седум елементи, а уредени се и велосипедски патеки во рамки на Вардарскиот плански регион со цел подобрување на туристичката понуда каде дневно циркулираат околу 100 корисници.

„Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, вложува во Југоисточниот плански регион. Во Кавадарци скејт паркот е наменет за најмладите или за помладите генерации. Ова е еден адреналински спорт кој придонесува за психофизичкиот развој на најмладите, така што сметам дека во иднина ќе продолжиме со ваков тип на инвестиции, односно преку проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој преку Швајцарската агенција за развој и соработка, придонесуваме и во областа на туризмот, и во областа на спортот и рекреацијата на младите,“ појасни Зоран Димитровски заменик-министер за локална самоуправа.

Според градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев повеќе од 40 деца веќе професионално се занимаваат со овој спорт и анкетите спроведени пред објавување на проектот покажале оправданост за изградба на скејт парк.

– Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарска агенција за развој и соработка во соработка со Општина Кавадарци одвоивме инвестиција во висина од 8 милиони денари, и го направивме овој скејт парк во комплексот на спортскиот центар Јасмин во Кавадарци. Искрено кажано, како градоначалник на почетокот бев малку скептик за адреналински спорт, меѓутоа Општина Кавадарци покажа дека има деца и млади кои што сакаат да скејтаат и кои што сакаат да го практикуваат овој спорт,“ изјави тој.

Швајцарската агенција за развој и соработка е присутна во нашата држава од 1992 година, го поддржува регионалниот развој по интензивно во изминатите шест години, во соработка со Министерството за локална самоуправа.

– Она што е од клучна важност е кога се дефинираат проектите кои што се инвестираат во регионите и во општините, секогаш одиме со принципот на партиципативност. Имено учествуваат граѓаните во одлучувањето на тоа каде и што ќе се инвестира, така што тоа е клучна вредност за Швајцарија и се обидуваме таа вредност да ја пресликаме во проектите кои што ги спроведуваме на терен,“ вели Мирјана Македонска, националната програмска координаторка на Амбасада на Швајцарија во Скопје.