Теодорос Данилидис е основач, а Танос Ситистас уредник на „Ellinika Hoaxes“, најпознатата грчка веб-страница која се занимава со разоткривање на лажните вести и дезинформациите. Овој сервис функционира веќе шест години, од 2013 година. Во интервју за „Мета“ тие објаснуваат дека Грците за жал премногу лесно може да поверуваат во лажните вести, како и дека дезинформациите во нашиот јужен сосед најчесто доаѓаат од крајнодесничарските кругови. Притоа, земјава е честопати тема на голем број од дезинформациите што се пласираат во некои помали медиуми или на социјалните мрежи.
Веќе неколку години работите на веб-страницата „Ellinika Hoaxes“, каде редовно разоткривате и проверувате дезинформации и лажни вести во грчките медиуми. Ако се вратиме наназад и ја погледнеме вашата работа во последниве години, што би констатирале, кој или што е главниот извор на дезинформации во Грција и која е најчестата тема на дезинформации?
Теодорос Данилидис, основач: „Ellinika Hoaxes“ беше основана во 2013 година и оттогаш сме разоткриле околу 3.000 лажни вести. Во нив спаѓаат написи на веб-страници, телевизиски прилози, написи во весници, сѐ до лажни мемиња што се распространуваат на социјалните мрежи. Дезинформациите во Грција, исто како во секоја друга земја, се огромен проблем и може да потекнуваат дури и од големи медиуми. Утврдивме дека повеќето лажни вести се поврзани со тековните настани, како што се имиграцијата, потоа дезинформации за соседните земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, дезинформации за политичките изјави, тврдења на политичарите, па сѐ до различни сензационалистички написи во медиумите кои се движат од приватноста на познатите до медицина, па дури и теории на заговор (понекогаш пропагирани и од грчки политичари), итн.
Танос Ситистас, уредник: Истражување од 2017 година спроведено од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) врз основа на податоците од 86-та анкета на Евробарометар, а ги вклучуваше земјите-членки на ЕУ, како и земјите-кандидатки и земјите што се во процес на преговори, даде увид во перцепцијата на Европејците за веродостојноста на неколку видови медиуми. Тоа покажа оти Грците се рангирани на прво место меѓу Европејците во однос на верувањето во информациите и пораките што доаѓаат од социјалните медиуми и онлајн-платформите. Истражување на Евробарометар од 2018 година покажа дека само четири отсто од Грците целосно веруваат во вестите што ги читаат во медиумите (онлајн весниците и списанијата), а само три отсто целосно веруваат во вестите што ги читаат на социјалните мрежи и преку апликациите за пораки. Исто така, дури 55 отсто од Грците изјавиле дека секој ден, или речиси секој ден, се среќаваат со вести или информации што погрешно ја претставуваат реалноста или пак се лажни. Само 12 отсто од Грците се апсолутно сигурни дека можат да идентификуваат лажни вести. Понатаму, речиси 90 отсто од Грците се убедени или речиси убедени дека лажните вести претставуваат директна закана за демократијата. Тоа значи дека Грција е во тешка ситуација. Иако се чини дека Грците се свесни за можните манипулации со фактите преку онлајн-платформите (социјални медиуми, медиуми, итн), тие сепак преферираат да добиваат вести од овие извори.
Во рангирањето на Alexa на 50-те најпопуларни веб-страници во Грција, имаме најмалку три веб-страници што честопати пласираат лажни вести и се со силна екстремна десничарска и проруска реторика. Овие веб-страници и десетици други имаат стотици илјади кликови дневно, што значи дека нивното влијание врз грчката јавност е огромно. Повеќето од нив силно го критикуваа Преспанскиот договор и објавија неколку лажни вести сврзани со него.
Вашата организација е дел од Меѓународната мрежа за проверка на факти и вие исто така сте еден од партнерите на Фејсбук за проверка на фактите. Дали сметате дека вашата работа има влијание за намалување на бројот на луѓе до кои дезинформациите стигаат?
Танос: Според нашите прелиминарни податоци од „Crowdtangle“ (алатка на Фејсбук која издавачите ja користат за да следат како содржината се шири низ мрежата), се чини дека нашето учество во програмата „3rd Party Fact Checker“ (3PFC) има видливи резултати во намалувањето на интеракцијата на корисниците со одредени страници што често објавуваат лажни вести. Сè уште сме во процес на оценување на овие податоци и ќе имаме подетална слика во наредните месеци. Она што со сигурност можеме да го кажеме е дека кога ќе оцениме како лажно некое тврдење што веќе се раширило на Фејсбук, гледаме дека опаѓа неговото споделување. Тоа се случува затоа што корисниците добиваат известување во моментот кога се обидуваат да ја споделат оваа содржина дека таа била прегледана од Трета страна за проверка на факти (3rd Party Fact Checker). Да појаснам, иако корисниците го добиваат ова известување, НИМ НЕ ИМ Е забрането да ја споделат содржината доколку сакаат.
Дали сте имале негативни последици од вашата работа? Дали сте добивале закани или сте имале притисок на кој било друг начин поради проверката на фактите?
Танос: Постојано добиваме закани, кои се движат од закани со правни мерки до закани за нашата лична безбедност и безбедноста на нашите семејства. Честопати добиваме меилови со клевети и омраза од партиски членови кога разоткриваме лага што можеби потекнува од партијата што тие ја поддржуваат. Бидејќи ги проверуваме тврдењата на сите поголеми политички партии во Грција, постојано добиваме негативни критики од високо поларизираните поддржувачи, кои[to никогаш не се базираат на факти, туку на инсинуации и претпоставки.
Еден неодамнешен и можеби највпечатлив пример беше објавувањето на нашите домашни адреси, даночни броеви и броеви на лични карти во весникот “Documento”, што нѐ загрижи поради тоа што имаме многу непријатели (на пример, неонацисти, измамници што сме ги откриле низ годините итн.). Фактот што разоткривме стотици лажни екстремно десничарски приказни во текот на годините (на пример за имигрантите), нѐ стави на мета на некои екстремно десничарски кругови во Грција. Очигледно, објавувањето на лични информации за некого нема новинарска вредност и мислиме дека целта на ова беше да нè спречат во вршењето на нашата работа.
Дали грчката влада има план за борба против дезинформациите? Ако одговорот е да, дали тоа е план што всушност е спроведен?
Теодорос: Ниту една грчка влада не се обидела да спроведе какви било мерки за контрола на лажните вести во Грција. Повеќето од нив само го игнорираат проблемот. Минатата година, Грчкиот јавен радиодифузен сервис (EPT) објави дека тие ќе воспостават механизам преку кој ќе ја проверуваат сопствената содржина. До денеска нема нови информации за оваа иницијатива.
Дали сте запознаени со какви било обвиненија или судски пресуди во Грција за ширење говор на омраза или дезинформации?
Теодорос: Обвиненија или судски пресуди во Грција има многу малку. Првата одлука на суд за ширење на лажни вести се случи во 2016 година, откако ние разоткривме лажна приказна за вакцините. Овој настан предизвика сензација и го привлече вниманието на грчкото Министерство за правда. Поединецот којшто ја објави оваа приказна беше осуден на парична казна од 500 евра и шестмесечен затвор (условно).
Минатиот март грчката влада одлучи да донесе поблаг закон против ширењето лажни вести. Новиот закон вклучува казни само за лажни вести кои можат негативно да влијаат на економијата, туризмот, одбраната и билатералните односи, и за кои со сигурност може да се каже дека нанеле штета на граѓаните. Освен таквите вести, ништо друго не смее да се гони (на пример, лажните тврдења за лекови против рак и тие од противниците на вакцинирањето, а кои се многу популарни во Грција, поминуваат без реперкусии).
Дали новинарските здруженија во Грција се активни во борбата против дезинформациите?
Теодорос: Новинарските здруженија во Грција немаат преземено никакви активни мерки против дезинформациите. Освен неколку јавни говори за лажните вести, не сме забележале други дејства за борба против овој проблем. Колку што сме запознаени, ниту еден новинар не бил казнет од страна на овие здруженија за ширење на лажни вести во последниве 5 години. Имаме сериозни случаи на пласирање лажни вести од големите медиуми во Грција кои што биле откриени. Меѓутоа, исправки на изјавите или извинувања за погрешно информирање се крајна реткост.
Колку често Северна Македонија се споменува во грчките медиуми? Како е прикажана?
Танос: Северна Македонија е популарна тема во Грција поради очигледни причини. Голем број медиуми (вклучувајќи и популарни веб-страници) Северна Македонија продолжуваат да ја нарекуваат ФИРОМ и „Скопиа“. Иако проблемот со името е официјално решен, тој сѐ уште останува контроверза кај Грците. Очигледно има мал процент на веб-страници (една од нив е екстремно популарна во Грција) што употребуваат исклучително понижувачки термини кога станува збор за Македонците. Меѓутоа, во пракса оваа терминологија е прифатена само во многу мали екстремно десничарски кругови. Поголемиот дел од мејнстрим медиумите го прифатија називот Северна Македонија веднаш по Преспанскиот договор и забележуваме дека со текот на времето овој термин е сѐ поприфатен од страна на Грците.
Дали е вообичаено објавувањето на дезинформации за Северна Македонија од страна на грчките медиуми и кој најчесто го прави тоа?
Теодорос: Дезинформациите за Северна Македонија најчесто не доаѓаат од мејнстрим медиумите, туку од екстремно десничарските извори, како што се неверодостојните – иако понекогаш многу популарни – веб-страни и блогови. Кратко пред, за време на и по потпишувањето на Преспанскиот договор, забележавме огромен наплив на лажни вести за самиот договор, како и за инциденти што се случиле за време на протестите против договорот.
Танос: Најголемиот број дезинформации за Северна Македонија во денешно време се поврзани со прашања како и дали Северна Македонија го спроведува Преспанскиот договор. На пример, приказните кои тврдат дека Северна Македонија се уште ги користи древните македонски симболи во јавните згради и слично, се доста чести во Грција. Многу Грци, исто така, не сфатиле што навистина опфаќа Преспанскиот договор, така што често гледаме лажни тврдења за неговата содржина. На пример, неколку грчки медиуми и еден пратеник тврдеа дека Северна Македонија ќе добие пристап и делумна контрола врз грчката ексклузивна економска зона и врз пристаништето во Солун.
Какви се последиците од овие дезинформации?
Теодорос: Тешко е да се проценат севкупните последици од дезинформациите, но можеме да кажеме дека лажните вести можат да одат дотаму да ги стават луѓето во опасност. На пример, лажните вести за вакцините предизвикаа пад на вакцинациите во Европа, па затоа сведочиме дека децата умираат од болести што може да се спречат со вакцини.
Исто така сме виделе дека луѓето се погрешно таргетирани и нивните животи се ставени во опасност од она што јас би го нарекол „интернет-толпа“ која брза да се одмазди, без прво да ги разгледа фактите.
Танос: Популизмот и лажните вести обично одат рака под рака. Грција е ранлива на двете, па затоа не беше изненадување кога избравме неонацистичка партија во нашиот парламент, или политичар што ја заснова својата реторика на теориите за заговор и лажните вести. Лажните вести се „бомба“ во темелите на демократијата поради едноставната причина што погрешно информираниот граѓанин не може да донесува вистински одлуки за себе и за својата земја.