По осумчасовните преговори помеѓу политичките лидери и еврокомесарот за проширување, не е сосоема јасно што, всушност, е договорено. Во таков вакуум и двете страни побрзаа да прогласат „победа“.
Медумите блиски до политичките структури почнаа да ја анализираат изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, притоа додавајќи и нови моменти, наводно, од „нивни блиски извори“.
Медиумите кои се критички кон власта излегоа со нови детали кои, наводно, им се „од извори блиски на СДСМ“, додека провладините медиуми своите „ексклузивки“ тврдат дека ги добиле „од дипломатски извори“.
Еуфоријата повеќе ја има во провладините медиуми, кои побрзаа да прогласат победа, а забележително беше опаѓањето на расположението и строгата поделеност во медиумите кои се критички настроени кон власта.
Еве што пренесоа медумите кои критички ја опсервираат власта:
- Ќе има предвремени избори до април 2016 година
- Изборите ќе ги организира транзициска, односно преодна влада
Според нив, составот на новата влада ќе се договори на продолжението на преговорите меѓу партиските лидери, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан, закажано за 10 јуни во Брисел.
Еве што пренесоа медиумите кои ја поддржуваат политиката на власта:
- Ќе има предвремени избори до април 2016 година
- Нема договор за никаква предна транзициска влада
- Опозицијата ќе се врати во парламентот
Овие медиуми, пак, пишуваат дека лидерска средба со еврокомесарот Јоханес Хан меѓу власта и опозицијата резултирала со потпишан договор за парламентарни избори во април, како и со временска рамка во која треба да се договорат модалитети што ќе придонесат за враќање на довербата на дел од политичките партии во изборниот процес. Потпис на тој договор ќе биде ставен во Брисел на 10 јуни. Тие шпекулираа дека по тој датум опозицијата ќе се врати во парламентарните клупи и ќе се стави крај на објавувањето нелегално снимени и дополнително креирани телефонски разговори.
Доцна синоќа соопштение испрати и Европската комисија, во кое стои:
„Одреден број конкретни мерки беа дискутирани и договорени за соочување со предизвиците што стојат пред државата. Одреден број точки ќе треба да бидат дополнително елаборирани и договорени во наредните денови и во тој поглед комесарот побара разговорите со лидерите да продолжат набргу“.
По завршувањето на преговорите во Скопје, еврокомесарот Јоханес Хан изјави:
Како што гледате, опкружен сум со лидерите на политичките партии, имавме добра дискусија и добро е што и овојпат ги потврдивме заложбите за европската иднина на земјата. Важно е претходно да се решат внатрешните проблеми и да се постигне политички компромис и баланс и поради тоа имавме временски притисок. Се согласивме на транзиционен период, а до крајот на април идната година да се спроведат предвремени избори, но претходно важно е државата да се подготви за тоа. Да се направи прочистување на избирачкиот список и да се прифатат сите препораки на Европската унија. Деталите ќе се договорат на средба наредната недела во Брисел.