Сирени за тревога и шок бомби на северот на Косово, Вучиќ ја крена војската на највисоко ниво на борбена готовност

Овие инциденти се случуваат во време кога десетици автобуси со вработени Срби од Косово тргнаа на митингот на Вучиќ во Белград

-

Сирени за тревога попладнево се вклучија во Митровица, а во моментов има инциденти во три северни општини во Косово. Најтешка е состојбата во моментов во Звечан, каде веќе е употребен солзавец, шок бомби, а се слушаат и куршуми објави порталот Коссев.инфо

Колеги новинари од Косово, со кои Мета.мк стапи во контакт кажаа дека во некои делови на Митровица снемало струја, а со многу прекини функционират интернет и телефонските врски.

Маса луѓе се собрани пред општинските згради во сите четири општини, сакајќи да ги спречат новоизбраните градоначалници да влезат во овие згради. Северна Митровица е единствената северна општина која има две паралелни општински управи, од кои едната функционира во рамките на српската власт, а другата од косовската власт.

Локалните избори во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан се одржаа на 23 април. Србите, кои се мнозинство во овие општини, ги бојкотираа изборите, па од над 45 000 граѓани со право на глас, излегоа само 1 567 гласачи или 3,47 отсто. Официјален Белград не ги признава резултатите од одржаните избори, за кои вели дека се антидемократски и нелегитимни.

Во меѓувреме, од косовската полиција потврдија дека им помагаат на градоначалниците и дека се обидуваат да спречат „криминални активности“. Во сите општини нешто пред пладне се огласија сирени за тревога, кои ги повикуваа граѓаните да се соберат пред општинските згради за да ги спречат градоначалниците да влезат во зградите. Присутни се полициски сили со полициски џипови, цивилни возила и редовна полиција. Исто така, пред сите општински згради има возила на ЕУЛЕКС, а на места е видлив и КФОР.

Во општина Звечан околу 13 часот се случил инцидент, кога во правец на насобраните граѓани прво бил фрлен солзавец, при што се слушнале детонации и истрели, по што граѓаните побегнале. Демолирано е најмалку едно полициско возило, кое се наоѓало во близина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, нешто пред 14 часот издаде наредба до српската Армија да ја подигне борбената готовност на највисоко ниво и од тој момент Армијата започна со активности, изјави министерот за одбрана Милош Вучиќ, пренесува Н1.

„Наредено е итно движење кон административната линија со Косово“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк во живо од центарот на Белград.

Бљерим Веља, шефот на кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи на Твитер објави дека Србија е одговорна за провоцирање на овие инциденти.

„Насилството нема да надвладее. Србија сноси целосна одговорност за ескалацијата“, напиша Веља.

Овие инциденти се случуваат во време кога десетици автобуси со вработени Срби од Косово тргнаа на митингот на Вучиќ во Белград.

Бесплатно, во полни автобуси, симпатизери на Вучиќ се мобилизираат за вечерашниот митинг во Белград

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...