Бранот имигранти и политички бегалци од грчките острови се пренасочуваат кон македонско-грчката граница. Илјадниците нови имигранти преку Македонија и Србија потоа ќе ја бараат својата среќа во Северна и во Западна Европа, кои се нивна главна цел по пристигнувањето во Грција.
Според информациите во Грција, шумите околу граничниот премин Идомени, низ кој поминува железничката линија меѓу Македонија и Грција, деновиве се преплавени со имигранти, кои се подготвуваат пеш да ја преминат границата, а потоа да се снајдат за превоз кон европските држави. Репортажа на весникот „Етнос“ пренесува дека селцето Идомени, каде се наоѓа граничниот премин, е преплавено со отпад и претставува привремено преноќиште на сите што патуваат пеш кон Македонија. Мигрантите обично преспиваат на железничката станица која е отворена 24 часа, а потоа се упатуваат пеш по текот на желеничката пруга кон Гевгелија, со надеж дека неоткриени ќе преминат и ќе го продолжат патувањето кон ЕУ. Жители на малото селце за весникот тврдат дека секој ден околу 200 луѓе, голем број од нив со мали деца, пеш преминуваат од Грција кон Македонија.
Претседателката на општината Идомени, Ксантула Супли, за весникот изјавува дека мигрантите бараат помош, малку храна и облека од жителите на селцето, меѓутоа малубројните жители не се во можност секогаш да им помогнат ниту, пак, местото има соодветна инфраструктура и објекти каде тие би можеле во нормални услови да преспијат и да се одморат. Според Супли, сè почесто се појавуваат лица кои им нудат на имигрантите таен превоз со камиони по цена од 2.500 евра од човек.
Помал е бројот на имигранти кои поминуваат преку Евзони, односно Богородица. Оцените се дека преку Евзони имигрантите поминуваат подобро организирани, скриени во камиони. Полициски извори за „Етнос“ изјавиле дека имигрантите од Ирак и од Авганистан доаѓаат добро организирани и договорени, со веќе платен и договорен превоз до места како Германија, Италија и Шведска, додека бегалците од Сирија плаќаат да бидат превезени до Грција, а потоа се снаоѓаат за патувањето до поголемите европски држави.