Шпански „Ел Паис“ го анализира уништувањето на животната средина и неажурноста на нашите власти

Фото: Бојан Блажевски

Земјата со зелени планини и бујни реки страда од ефектите од прекумерната изградба, а законите за зшатита на животната средина не се спроведуваат. Скопје останува со титулата на една од светските престолнини со најзагаден воздух, пишува реномираниоот шпански дневен весник „Ел Паис“ во обемен текст за проблемите со уништувањето на животната средина и улогата на властите во оваа офанзива.

„Соживотот на човекот и природата во Северна Македонија е нарушена. Младата република, покрај ракометот, е позната и по главниот град вброен во списокот главни градови во Европа со најзагаден воздух. Но, тоа е само врвот на ледениот брег на растечкото загадување и на инвазивната изградба. Тоа е вообичаен проблем во најголемиот број балкански земји, каде што законите за заштита на животната средина ретко се спроведуваат и понекогаш дрско се изигруваат“, пишува шпанскиот весник.

Во текстот се изнесуваат и критиктие од Ели Пешева од О2 и од професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија.

„Властите не си ги исполнуваат обрските, имаат само оправдувања. Секогаш има друг виновник, а објаснувањето е дека целиот процес е бавен. Претходните влади донесоа закони што се штетни за животната средина, а новата тоа го искористи како изборен адут, но не мрдна со прст“, вели Пешева за „Ел Паис“.

Стафилов, пак, смета дека речиси сè е сведено на популизам.

„Владата не прави ништо, дури и кога е информирана, а во последно време речиси сè е популизам“, порачува професорот Стафилов.

Шпанскиот весник потсетува дека, според СЗО, секоја година осум милиони луѓе во светот умираат како последица на загадувањето на воздухот, односно поради ПМ2,5 и ПМ10 честичките. Во Северна Македонија, проценката е дека бројот на смртни случаи како последица на загадениот воздух од 2021 до 2019 изнесува 25.000.

Согорувањето на фосилни горива е одговорно за 77 отсто од испуштените токсични гасови и честички, потоа е транспортот со 14 отсто и индустријата со 6,5 отсто. Стафилов за „Ел Паис“ потврдува дека главниот извор на загадувањето е затоплувањето на дрва, јаглен и нафта, бидејќи сиромашните немаат пристап до централно греење.

„Иако една од мерките за подобрување на квалитетот на воздухот е пошумувањето, изгледа дека се оди во спротивната насока – сеча на дрвјата и друга вегетација, во голем дел и поради градбата“, пишува „Ел Паис“ за Водно.

Но, сега се предложени измени, кои значат дека ќе се одземат уште 40 отсто од заштитените површини и ќе се легализираат дивоградбите. Професорот Иван Блинков од Шумарскиот факултет вели дека предложените измени се косат со неколку закони за заштита на населението од елементарни непогоди, пишува весникот, префрлајќи се на горливата тема на прекумерната изградба на бреговите на Охридското Езеро, односно во Охрид и Струга.

Посочувајќи дека УНЕСКО, кој му го додели специјалниот статус на ОХРИД како Светско културно наследство во 1979 година, на 43-от состанок во 2019 г. се закани да го прогласи за „загрозено подрачје“ поради дивоградбите. „Ел Паис“ објаснува дека прекумерното градење е голем проблем не само во подрачјето на Охрид, туку и во Општина Струга. Во градот, пишува весникот, најголемиот дел градби се со сомнителен статус.

Во Струга, стотици градби го окупираат подрачјето, од хотелот „Европа“ до комплексот „Аквариус Бич“. Најголемиот дел од нив се со сомнителна легалност и се на помалку од 100 метри од езерскиот брег, се посочува во текстот.

„Има само мал број легално изградени градби во градот, а голем број беа легализирани со законот за легализација. До 2011 година, Министерството го контролираше градење, тоа беше власта. Со децентрализациајта од 2011 година, општините добија овластувања. Но, не можеме да ги затвориме баровите на плажите, оти имаат договори“, вели Натмир Неџипи, раководител за урбанизам во Општина Струга за весникот.