Шестоодделенците ќе ги добијат учебниците до крајот на неделава, најави Шаќири

Сите учебници што се одобрени од страна на педагошката служба веднаш се издадени со договор за нивно печатење. Тоа што за одреден учебник има жалбени постапки од авторите, не зависи од министерот, вели Шаќири

Фото: Министерство за образование и наука

Денеска започна доставата на учебниците за шестоодделенците и таа ќе трае до крајот на оваа недела, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Тој кажа дека до петок очекува сите учебници да бидат доставени во училиштата.

„Мојата изјава на почетокот на учебната година беше дека до крајот на септември – почетокот на октомври сите учебници ќе бидат доставени. По тоа што се случи минатата учебна година, немаше оптимизам дека ќе се постигне тоа. Ме радува фактот дека денеска во дел од училиштата има достава на учебници од шесто одделение и тоа ќе продолжи и во наредните денови. До крајот на неделата очекувам сите учебници да се достават“, рече тој.

Тој не гледа кај себе одговорност за доцнењето бидејќи постапките кои доцнеле, не зависеле од него.

„Секој одобрен учебник доаѓа од Националната комисија за учебници. Ако доставата од МОН доцни, одговорноста е на министерот. Сите учебници што се одобрени од страна на педагошката служба веднаш се издадени со договор за нивно печатење. Тоа што за одреден учебник има жалбени постапки од авторите, не зависи од министерот“, додаде Шаќири.

Минатата година, доцнеа учебници за четири одделенија затоа што се средуваа ракописите и се бараше фирма што ќе ги печати. Согласно новата Концепција за основно образование, учениците од прво, второ, четврто, петто и шесто одделение учат по нови учебници. Наставните програми вообичаено се навреме готови, но учебниците се случува да доцнат поради гломазниот и комплексен процес на одобрување.