Шест тима ученици ги презентираа своите идеи за развој на заедницата

Тимот ученици од Струга со проектот „Дрим Бај - купувај струшки” победи на конференцијата на која беа презентирани и избрани најдобрите идеи за развој на заедницата, организирана во рамките на проектот „Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација“

фото: Мета.мк

Тимот ученици од Струга со проектот „Дрим Бај – купувај струшки” денес победи на конференцијата на која беа презентирани и избрани најдобрите идеи за развој на заедницата, која беше организирана во рамките на проектот „Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (младите против насилство)” што го спроведува граѓанската организација Иницијатива за европска перспектива.

Проблемите кои струшките ученици се стремат да ги решат со нивната иновација се слабата потрошувачка моќ на младите како и малата посетеност на локалните бизниси и брендови. Со „Дрим Бај” картичките, младите на возраст од 15 до 29 години ќе добијат 10 проценти попуст на одредени локали во Струга. Целта, како што рекоа, им е да се произведат 5.000 картички со различни кодови, посебни за секој корисник, кои ќе можат да се користат до 5 години.

Второто место го освои тим средношколци од Куманово со идејата „Connect” која ги поврзува младите со разни волонтерски, уметнички и извиднички организации со цел да се намали апатичноста кај младите.

„Care Talk“, пак, ja освои третата награда со планот да се воведе безбеден простор во кој младите ќе имаат можност да разговараат со психолог, а потоа психологот преку водич ќе може да сподели препораки за решавање на нивните проблеми.

Проектот на Платформата за граѓанско образование на млади за борба против радикализација вклучува многубројни активности и соработки со училишта во три општини – Куманово, Струга и Скопје, претставници на општините, како и други организации, информираше Кристина Сибиновска, проектен директор на Платформата.

Златко Апостолоски како национален координатор на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, поттикна да се поддржуваат правата за изразување на младите и да се даде простор на младите за реализирање на нивните идеи.

„Вие како млади треба да се борите за вашиот статус“, рече Апостолоски.

Тој ја посочи и важноста од организирање вакви настани.

„Ваквите проекти се важни, бидејќи на младите им ја претставуваме перспективата, да им покажеме дека разликите не се проблем, туку треба да ги бараме сличностите, меѓу себе за да можеме да градиме едно општество”, додаде Апостолоски.

Наим Иљази од Агенцијата за млади и спорт (АМС) посочи дека Агенцијата е отворена за поддршка на ваквите иницијативи. Тој информираше дека во тек е креирање на нова Стратегија за млади во која, меѓу главните теми, се зборува и за безбедноста на младите.

„Сега за првпат се гледа дека младите имаат проблем и сакаат да зборуваат за насилството во Македонија. Конкретно, кога одевме да зборуваме со младите на терен, видовме дека има голема хајка што се води онлајн. Моментално се зборува многу за кибернасилството. Ние како институции треба да одиме со времето и да зборуваме за новите проблеми што им излегуваат на пат на младите“, истакна Иљази.

Како прв претседавач на Платформата „Младите против насилство“, Драгана Костевска изјави дека од дружба, платформата прераснала во нешто сериозно. Таа кажа дека Платформата цели кон решавање на проблеми во јавни места и да не се дозволи истите да пројдат нечуено.

„Младите, како и другите ранливи категории, се категории до кои може лесно да се дојде. Ќе се залагаме за мисијата да ги тргнеме младите од она што може да дојде до нив во кафич, во дискотека – да помине така нечујно, а тие да станат жртви на нешто што може да биде со енормно негативи последици во нашето општество. Не сме надвор од светот, не сме надвор од Европа, ние сме тука на браникот на државата“, изјави Костевска, изразувајќи ја и довербата во членството и организаторите на проектот.

Освен наградените младински проекти, беа презентирани и идеите „Струга на точак”, која бара подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот, „Младите носители на образованието”, која предвидува воведување на практична настава во училиштата и „Еднаквост на учениците”, која се залага за бесплатен јавен градски превоз за сите ученици.

На настанот се обратија и Никола Веселинов и Илија Петров како членови на Управниот одбор на Платформата, Мартин Крстич – службеник за млади од општина Куманово и Кристина Сибиновска – проектен директор на „Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)”.

Желбата за развиток и решавање на општествени проблеми кај младите беше јасно претставена на овој настан преку шест оригинални идеи, а во знак на благодарност за трудот и иницијативата, сите учесници добија лаптоп компјутери од страна на проектот.