fbpx

Секој ден лекарите препишуваат по околу 5.100 кутии дијазепам

Евидентно е дека секоја година се зголемува бројот на издадени рецепти за лековите за висок притисок и лековите за смирување  

-

Еналаприл, дијазепам и метформин, се трите лекови кои во 2022 биле најпродавани, односно, за нив лекарите препишале најголем број рецепти.

Според последниот извештај за издадени лекови по генерика од системот МојТермин, за лекот еналаприл (енап) за висок крвен притисок, издадени биле 1.824.877 рецепти во 2022 година. По него следува метформин, лекот за дијабетес тип 2, со издадени – 1.801.568 рецепти, а потоа е лекот дијазепам, лекот за смирување со 1.357.857 издадени рецепти.

Ако вкупниот број на издадени рецепти за дијазепам, се подели со 265 (без викендите во годината), произлегува дека дневно се препишуваат по околу 5.100 рецепти за дијазепам, на ниво на држава.

Она на што предупредуваат лекарите со кои поразговаравме, е дека не може со точност да се знае дали ова се вистинските бројки на продадени лекови, оти многу од нив граѓаните ги купуваат на приватно, без рецепт.

„Не може со точност да се знае колкава количина дијазепам се продава, бидејќи големи количини се купуваат и на приватно, но тие никој не ги брои. Можеби тие се и повеќе од овие кои се евидентирани во системот МојТермин“, вели д-р Ненад Лазаров за Мета.мк.

Освен тоа, според податоците во МојТермин кои за Мета.мк ги дадоа од Министерството за здравство, лекарите издале 1.141.585 рецепти и за лекот бисопорол (за висок крвен притисок). Доста висок е и бројот на издадени рецепти за лизиноприл, исто така, лек за висок притисок, со издадени 976.462 рецепти во период од една година.

За „хелекс“ (лек за смирување) во 2022 година препишани биле 647.453 рецепти, а за празепам (димитрин) – 47.578. Од јануари годинава до 22 ноември 2023, за овој лек се издадени 591.164 рецепти. За празепам, пак, препишани биле 49.894 рецепти, што покажува дека за овој лек бројот на рецепти е веќе зголемен, иако има уште повеќе од еден месец до истекот на оваа календарска година.

Во Македонија исто така, голем дел од граѓаните добиле рецепт и за набавка на лекот пантопразол (нолпаза), кој е лек за желудник (1.057.221 рецепти).

Според податоците за 2023, односно од јануари годинава до сега, издадени се 1.204.599 рецепти за дијазепам, но има уште повеќе од еден месец до крајот на оваа календарска година, па овој број уште ќе расте.

Она што е евидентно е дека секоја година се зголемува бројот на издадени рецепти за лековите за висок притисок и за смирување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...