Се прават напори повторно да се отвори Лекторатот по македонски јазик во Тирана

Целта на МСМЈЛК е македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на повеќето универзитетски центри во културните и академски средини каде што има интерес за македонистиката

Фото: МСМJЛК

Се забрзува иницијативата повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, по заложбите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Како што информираат од МСМЈЛК, подготвеност и подадена рака за вложување во перспективите на македонистиката во Албанија, сега има и од тиранскиот Факултет за странски јазици, со желба токму Лекторатот по македонски јазик да е централна точка на натамошната соработка.

На 19 мај во Тирана бил одржан работен состанок на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Н.Е. Данчо Марковски.

„Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги има остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот“, информираат оттаму.

Целта на МСМЈЛК е македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на повеќето универзитетски центри во културните и академски средини каде што има интерес за македонистиката.

„Имајќи го предвид забележливиот интерес за македонистиката и во Албанија, каде македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата и каде преку друштвото „Илинден“ беше истакната потребата од факултетска настава по македонистика, изминатиов период толку силно се залагаме иницијативата за повторно отворање на Лекторатот да се оствари, со цел да се овозможи студентите кои студираат јазици на Универзитет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик“, се додава во соопштението од МСМЈЛК.