fbpx

Се пополнија празните столчиња во Судскиот совет, остана недовербата во институцијата

За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите, заклучуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството

-

Судиите Наке Георгиев и Антоанета Димова официјално се нови членови на Судски совет, откако комисијата за избор ги потврди резултатите од вчерашното гласање.

Врховниот судија Наке Георгиев освои шест гласа од вкупно 16 врховни судии, а беше единствен кандидат од редовите на врховните судии, додека судијката од Граѓанскиот суд во Скопје Антоанета Димовска со 110 освоени гласови го победи конкурентот – претседателот на кавадаречкот суд Лазар Нанев.

Комисијата за избор констатираше дека изборите поминале во најдобар ред, додека со реакција се јави Блупринт групата за реформи во правосудството од каде велат дека повторно се забележани хроничните системски слабости кои постојано ја поткопуваат довербата на граѓаните во клучните тела на правосудството во државата.

Блупринт групата реагира на отсуството на законски уреден цензус (минимален број на судии кои треба да гласаат за изборите да се сметаат за успешни) и пропуштањето да се уреди видот на мнозинството неопходно за избор.

„Резултатите од спроведените избори од листата на кандидати од Врховниот суд ја покажаа уште еднаш вградената системска слабост во моделот за избор на членови на Судскиот совет. За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. На изборите гласале 13 судии од кои мнозинството (седум) дале неважечки гласачки ливчиња. Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите. Мнозинството од судиите на Врховниот суд не го поддржа кандидатот“, заклучуваат од Блупринт групата.

Со ова, велат оттаму, оправдано се наметнува прашањето за легитимитетот на изборот на членот имајќи предвид дека мнозинството од судиите кои излегле на гласање не го дале својот глас за избраниот кандидат.

„Оваа системска слабост произлегува од Законот за Судскиот совет на РСМ. Во него ниту е предвиден задолжителен цензус кој треба да се исполни за да се сметаат изборите за успешни, ниту пак е дефинирано мнозинството кое одреден кандидат/ка треба да го исполни за да се смета за избран/а. Овие два елементи се суштествени за да се обезбеди легитимитет на избраните лица. Оттаму, сметаме дека потребна е законска интервенција во овој дел како би се овозможил легитимен процес на изборот на кандидати согласно волјата на мнозинството кои го даваат својот глас“, велат од Блупринт групата и бараат сеопфатна реформа во условите и постапката за избор на членовите на Судскиот совет со цел да се превенираат вакви случаи во иднина.

Понатаму, за членовите кои се избираат од редот на Собранието кои се истакнати правници, покрај редефинирање на терминот, Блупринт групата предлага да се избираат во јавна и транспарентна постапка, со јавно интервју пред работните тела на Собранието и можност за вклучување на академската и стручната јавност како и граѓанскиот сектор во процесот.

Инаку, судијата Наке Георгиев беше единствен кандидат од Врховниот суд за испразнетото столче во Судскиот совет, откако неговата колешка Мирјана Радевска Стефкова поднесе оставката по низата скандали што ја потресе институцијата.

Големи беа реакциите во однос на Георгиев, откако за него Судскиот совет веднаш по неговото кандидирање ја прекина постапката за нестручно работење од времето кога бил претседател на Апелациониот суд во Штип. На затворена седница, членовите на Советот одлучија дека постапката за негово разрешување (за која 6 месеци не било одлучувано), е неоснована. Во однос на ова, Блупринт групата за реформи во правосудство минатата недела побара итно да се прекине со постапката за избор на нови членови во Судскиот совет.

Сопругата на Георгиев е обвинителка во Струмица, а неговиот син завршил Академија за судии и наскоро токму Судскиот совет треба да го избере.

Судијката Димовска, пак, е судијка од 1996 година, а годинава Судскиот совет не ја поддржа нејзината кандидатура за уставен судија. Таа е сестра на пратеничката Снежана Калевска Ванчева од СДСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...