fbpx

Беса Адеми останува претседател на Врховен, Судскиот совет ја запре постапката за разрешување

Членовите на Судскиот совет со часови расправаа во однос на иницијативата. Најголемиот дел од членовите беа дека постапката треба да биде запрена, додека дел не се согласуваа

-

Со седум гласа „за“ и четири „против“, Судскиот совет ја запре постапката за одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа, кој не учествуваше на седницата бидејќи беше подносител, бараше Адеми да биде разрешена затоа што во континуитет 21 седница по ред не доаѓа на седниците на Советот, иако е член според функција, а без право на глас.

Втора причина поради која Мустафа бараше разрешување е што Адеми на почетокот на декември лани не се одѕвала на поканата на тогашниот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев да дојде на средба во Советот, а во врска со нејзино интервју во Сдк.мк во кое тврди дека на врховните судии им се врши силен политички притисок со цел да се оживее аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Членовите на Судскиот совет со часови расправаа во однос на иницијативата. Најголемиот дел од членовите сметаа дека постапката треба да биде запрена, додека дел не се согласуваа.

Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска многу отворено зборуваше за состојбите во судството и се изјасни против разрешување на претседателката на Врховниот суд.

Во образложението стои дека таа оневозможила Судски совет да ги испита притисоците. Политичките притисоци се многу голем проблем. Јас не можам да кажам дека мене некој ме притискал, но мојата перцепција како граѓанин и судија е таква – дека постои. Да го докажам – не можам. Кога ќе ме притисне некој мене, ќе кажам дека тој и тој ми вршеше притисок. Прашањето е што направивме ние? Ете претседателката кажа дека одолеале на политичкиот притисок, а што направивме ние? Ги викнавме ли судиите? Што правиме ние како Судски совет за да го испитаме овој случај? Судскиот совет не презема ништо. Одлучивме да молчиме!, рече Димовска.

Членот на Судскиот совет Ивица Николовски рече дека е добро претседателката да учествува на седниците и е добредојдена тоа да го прави, но дека со нејзиното недоаѓање не е прекршен законот.

Нејзиното недоаѓање е последица на моменталната ситуација која настана во Судскиот совет. И во оценската мисија на ЕУ се вели дека не постои прекршување на законот ако претседателот на Врховниот суд не присуствува на седниците. Таа спомна дека има притисоци, и ние денеска разговараме дека има притисоци. Ако имаме намера реално да се бориме против сите овие проблеми кои го уриваат поштениот труд на секој судија, ајде да се бориме, сите заедно да ја прифатиме обврската, рече тој, предложувајќи да запре постапката против Адеми.

Тања Чачарова-Илиевска, пак, пред колегите излезе со спротивен став.

Претседателката на Врховниот суд јавно објави по медиуми за притисоци и јас дознав од медиуми, наместо таа да ја испочитува својата должност да дојде во Судскиот совет и да ни укаже на таква состојба. Претседателот на Врховниот суд не дојде и по наша желба и покана. За мене тоа е крупна повреда. Иако таа изјавила дека ја надминале таа состојба, за мене не е олеснителна околност. Нема да гласам за запирање на постапката, бидејќи сметам дека претседателката на Врховниот суд со ваквото однесување треба да помине барем со опомена, за таа да биде свесна за своите обврски, рече таа.

Мери Радева, членка на Судскиот совет рече дека имале случаи кога и други членови не доаѓале на седниците, па ги барале телефонски дали ќе дојдат или не.

Не велам дека е оправдено да не доаѓа. Но, и други членови не доаѓале, па сме им се јавувале дали ќе дојдат, па глава го болело, па детето го чувало, внучето го чувале. А претседателката на Врховниот суд, која е член по функција, е на работа во тоа време. Не велам дека не треба да има соработка, срамота е да нема, ама не може да имаме двојни аршини, рече таа, доведувајќи го во прашање мотивот за поднесувањето на барањето за одговорност.

„Не сакам да помислам дека барањето е поради трговија на влијание. Ние први во државата треба да покажеме дека независно работиме“, рече Радева.

На крај, збор зеде претседателката на Судскиот совет Весна Дамева која рече дека не се сторени повреди од страна на Адеми и дека ако во нема услови за разрешување, за неа „е недозволиво да гласа за мерка, колку да се каже дека е донесена некоја мерка“.

И покрај тоа што не доаѓала, а законски треба, оправдано е. Знаете зошто е оправдано? Оти ние така сме дозволиле. Ние не записници сме констатирале дека е оправдано отсутна. Таа е претседател на Врховен суд и тоа во еден од најажурните судови, дај боже да има што повеќе такви. Освен тоа, јас не видов дека нејзиното неприсуство се одразило врз работата на Судскиот совцет. Таа е член по функција во Судскиот совет, нема право на глас и оттаму не била нарушена работата на советот, рече Дамева.

Таа категорично кажа дека не може да му препише некому нешто што не го сторил, особено за претседател на највисоката судска инстанца во земјава.

Претседателката на Судскиот совет Дамева на крајот од седницата упати порака дека во иднина емоциите мора да се остават на страна и дека обврската меѓу Судскиот совет и Врховниот суд за соработка мора да продолжи и дека мора институционално заеднички да се борат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...