Изборите може да го одложат крајот на учебната година

Ќе видиме како ќе постапиме за овие денови, дали дополнително ќе се одработат. Ќе има владина одлука за тоа, рече министерот Шаќири

Фото: Мета.мк

Претседателските и парламентарните избори, кои ќе се одржат во два работни дена (24 април и 8 мај), го ставаат под знак прашалник крајот на учебната година за основците и средношколците. За тоа точно кој ден ќе биде последен од второто полугодие, допрва ќе се одлучува. Календарот за организација и работа на основните и на средните училишта е веќе готов и според него, учебната година за средношколците треба да заврши на 10 јуни, а за основците на 17 јуни.

На денешната прес-конференција што ја одржа министерот за образование Јетон Шаќири, тој кажа дека допрва ќе се одлучува дали двата изборни дена, кои ќе бидат неработни, ќе се одработуваат дополнително, што пак, може да го одложи крајот на учебната година.

„Сите одлуки и законски решенија ги носиме во консултација со засегнатите, во случајов, се консултиравме со Унијата на средношколци, која побара учебната година за нив да заврши порано, на 10 јуни, а не на 17, поради административните обврски што ги имаат за упис на факултет. Во врска со изборните денови, ќе видиме како ќе постапиме за нив, дали дополнително ќе се одработат. Ќе има владина одлука за тоа“, рече Шаќири.

Во Календарот за средно образование, е наведено дека второто полугодие започнува на 22 јануари и завршува на 10 јуни. За основците пак, учебната завршува на 17 јуни.

Инаку, новина во образовниот систем годинава е тоа што децата и вработените во образование за прв пат ќе користат седумдневен пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај.