Се бара Собранието итно да избере членови на Комисијата за заштита од дискриминација

Од Мрежата за заштита од дискриминација велат дека двете места во Комисијата треба да се пополнат со жени од маргинализирани групи, доколку помеѓу кандидатите има лица со овие карактеристики кои ги исполнуваат условите за стручност и независност

Фото: Мета.мк

Собранието итно да спроведе постапка за избор на два члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за да ги пополни позициите кои долго време се празни, поради што институцијата работи со недоволно капацитети, бара Мрежата за заштита од дискриминација.

Оттаму велат дека собраниската Комисија за избор и менување веќе доцни и дека не ги почитува роковите од членот 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Со одолговлекувањето, велат, Собранието не ги почитува законите кои самото ги носи и се оневозможува целосно функционирање на Комисијата за заштита од дискриминација, што индиректно влијае врз остварувањето на човековите права и слободи на граѓаните.

„Јавниот оглас беше објавен на 15 февруари и траеше до 15 март 2023. Согласно член 18 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за избор и именување на Собранието во рок од 14 дена по истекот на рокот на огласот треба да достави утврдена предлог – листа на кандидати до Собранието. Комисијата за избори и именувања треба да организира јавна расправа по пријавените кандидати на која треба да ги повика сите заинтересирани чинители, а особено здруженијата на граѓани кои работат во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата“, се вели во соопштението на Мрежата.

Од Мрежата за заштита од дискриминација апелираат изборот да се изврши по заслуги и како членови на Комисијата да се изберат стручни и независни експерти. Потенцираат оти во претходните постапки за избор на членови на КСЗД аплицирале повеќе жени и припадници на маргинализирани групи, но не биле избрани за членови.

Оттаму додаваат дека двете места во Комисијата сега треба да се пополнат со жени и/или жени од маргинализирани групи, доколку помеѓу кандидатите има лица со овие карактеристики кои ги исполнуваат условите за стручност и независност.

„Потсетуваме дека избор на членови кои не ги исполнуваат критериумите, односно по партиски клуч, ја загрозува и анулира улогата на Комисијата, нејзината независност гарантирана со закон, директно влијае на (не)довербата на граѓаните во институцијата и доведува до несоодветно спроведување на Законот, со што се спречува процесот на унапредување на еднаквоста во општеството. Од друга страна, потсетуваме за недостатокот на родова еднаквост помеѓу членовите на Комисијата, само една жена наспроти четири мажи“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Тие потсетуваат и на забелешките и препораките од Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија за 2022 година, каде е истакнато дека Собранието не успеало да ги пополни празните места во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и дека проблемите со финансиските и човечките капацитети на Комисијата треба приоритетно да се надминат.